„Бараме од Уставниот суд, по повеќе од 8 месеци од поднесувањето, да покаже слух за аргументите искажани во доставените иницијативи, кои се поткрепени и со компаративни анализи од земјите во регионот и во Европа, со што ќе ја исправи неправдата која му се нанесува на јавното обвинителство како еден од клучните столбови на правната држава“, велат од Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители во заедничкото соопштение
За потсетување, последен пат измените на законите за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители беа донесени кон крајот на февруари оваа година, а со кои беа намалени коефицинетите за пресметка на нивните плати
Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители денеска преку писмено соопштение упатија нов повик до Уставниот суд со кој бараат нивните иницијативи за оценување на уставноста на измените на законите со кои беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители, итно да бидат ставени на дневен ред и разгледани од Судот.

Иницијативите се однесуваат на оценување на уставноста на измените на одредбите од Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, што институциите и здружението на јавнообвинителската фела во државата ги поднесе пред осум месеци, незадоволни од прекројувањето на коефициентите со кои им беа намалени платите во три наврати.
Во заедничкото соопштение се вели дека Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители донел одлука со која изразува сериозна загриженост заради, како што се наведува, непостапувањето на Уставниот суд по поднесените иницијативи. Со тоа, велат, не само што се доведува во прашање самостојноста на Јавното обвинителство и принципите на владеење на правото, туку се создава сериозен диспаритет помеѓу судската и јавнообвинителската функција.
Ова, се наведува во соопштението, е во спротивност со европските и меѓународните стандарди.
Од јавнообвинителската фела велат дека кај неа не постои никакво двоумење во однос на оправданоста на поднесените иницијативи. Како аргумент го посочуваат и тоа што Уставниот суд во решението со кое одлучи да поведе постапка по иницијативите изразил сомнеж дека законодавецот со намалувањето на коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители навлегол во уставно загарантираната независност и самостојност на јавното обвинителство.
„…Неспорно е дека уредувањето на платите е законска материја и законодавецот има право да ја уредува висината на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавни обвинители, но Судот изрази сомнеж дека, законодавецот, со намалувањето на коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, навлегол во уставно загарантираната независност и самостојност на јавното обвинителство, а го доведува во прашање и остварувањето на правото на вработените на соодветна заработувачка од член 32 став 3 од Уставот, коешто произлегува од нивниот статус и создава обврска за државата преку законското уредување да обезбеди правен основ за негово остварување…”,
се цитира во соопштението дел од решението на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на измените на Законот за платите на јавните обвинители и на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители од 24 декември 2025 година.
Со оглед на вака заземениот став на Уставниот суд, јавните обвинители во соопштението велат оти за нив е несфатливо секое одлагање на одлуката или доведување во прашање на принципите на независност и самостојност во постапувањето на јавното обвинителство.
Оттаму велат дека намалувањето на платите на јавните обвинители не само што е спротивно на европските стандарди за владеење на правото, туку се заканува да предизвика сериозен одлив на јавнообвинителски кадар што би го загрозил нормалното извршување на јавнообвинителската функција.
„Дополнително, потенцираме дека платите на јавните обвинители во државава и натаму се компаративно најниски од сите останати земји во регионот. Сите овие состојби, придружени и со хроничниот недостаток на јавнообвинителска служба, буџет и основни услови за работа, создаваат апсолутно неодржлива ситуација која се заканува да го загрози функционирањето на обвинителството, а со тоа да се одрази директно врз остварувањето на правата и заштитата на граѓаните“,
се вели во соопштението.

Од јавнообвинителската фела, во тој контекст, велат оти очекуваат ваквата состојба да биде нотирана и во претстојниот извештај на Европската комисија за земјава, „како значително назадување и дополнително загрозување на самостојноста на Јавното обвинителство“.
„Затоа бараме од Уставниот суд, по повеќе од 8 месеци од поднесувањето, да покаже слух за аргументите искажани во доставените иницијативи, кои се поткрепени и со компративни анализи од земјите во регионот и Европа, со што ќе ја исправи неправдата која му се нанесува на јавното обвинителство како еден од клучните столбови на правната држава“,
велат од Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители во заедничкото соопштение.
Инаку, јавните обвинители и кон средината на јули годинава реагираа до Уставниот суд во однос на истото прашање.
Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, на брифинг со новинарите, одржан еден ден по реакцијата на јавните обвинители, кажа дека повеле постапка по иницијативите, но во меѓувреме Владата дополнително ги намалила коефицентите со новите измени на законите од февруари оваа година. Дополнително, рече тој, кога требало да се донесе одлука, предлогот на судијата известител не добил мнозинство, односно судиите гласале поделено четири спрема четири, бидејќи Уставниот суд работи со еден судија помалку.
За потсетување, последен пат измените на законите за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители беа донесени кон крајот на февруари оваа година, а со кои беа намалени коефицинетите за пресметка на нивните плати. Од Здружението на јавните обвинители бараа повлекување на законските измени, но и покрај тоа, тие сепак беа донесени од Собранието.
И претходно во 2024 година беа донесени измени за намалување на функционерските плати, со кои беа опфатени и судиите и јавните обвинители. Од јавнообвинителската фела тогаш најавија дека ќе ги оспорат преку иницијативи донесените измени со кои им се намалуваат платите.
