Финансиската незавиност, велат од јавнообвинителската фела, не е привилегија на носителите на функцијата јавен обвинител и посочуваат дека секое законско решение со кое без објективни и уставно оправдани причини се обезвреднуваат примањата на јавните обвинители, неизбежно влијае врз положбата на Јавното обвинителство како самостоен државен орган и создава ризик од нарушување на принципот на поделба на власта
Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители денеска преку заедничка реакција изразија сериозна загриженост поради, како што велат, непостапувањето на Уставниот суд по поднесените иницијативи за оценување на уставноста за намалувањето на коефициентите на платите на јавните обвинители.

Како што се наведува во заедничкото соопштение, коефициентите за пресметка на платите со измени во законите се намалени по трет пат, а Уставниот суд со своето непостапување создава сериозен диспаритет во статусот меѓу јавните обвинители и судиите.
Со тоа, се вели во реакцијата, директно е засегнато уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство како државен орган.
„Уште еднаш нагласуваме дека финансиската независност претставува една од основните институционални гаранции за независно и непристрасно вршење на јавнообвинителската функција и не може да биде предмет на произволни и повторливи интервенции без објективни, јасни и уставно оправдани причини“,
се вели во реакцијата.
Потсетувајќи дека Уставот ја утврдува посебната положба на Јавното обвинителство како самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и други казниви дела определени со закон, од Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители, посочуваат дека таквата уставна поставеност не претставува формална определба, туку суштинска гаранција дека јавните обвинители својата функција ќе ја извршуваат слободно, професионално и без влијание од која било гранка на власта.
Токму затоа, се вели во соопштението, законски решенија со кои се нарушува финансиската положба на јавните обвинители мора да бидат предмет на строга уставно-судска контрола, имајќи предвид дека тие можат директно да влијаат врз институционалната независност на обвинителството и врз довербата на јавноста во неговото работење.
Дополнително, се вели во реакцијата, прашањето за рамноправен третман на самостојноста на јавното обвинителство со незвисноста на судството, е веќе надминато во сите модерни европски држави, за што, велат, понудиле и соодветни компаративни примери на слични одлуки и од земјите од нашето поблиско опкружување – Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.
Овој пристап, наведуваат од јавнообвинителската фела, е целосно усогласен со современите европски и меѓународни стандарди.
„Поради тоа, Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители очекуваат Уставниот суд, како чувар на уставноста и законитоста, да обезбеди ефикасна и навремена уставносудска заштита на начелото на поделба на власта, владеењето на правото и уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство“,
се додава во реакцијата.

Финансиската незавиност, велат од јавнообвинителската фела, не е привилегија на носителите на функцијата јавен обвинител и посочуваат дека секое законско решение со кое без објективни и уставно оправдани причини се обезвреднуваат примањата на јавните обвинители, неизбежно влијае врз положбата на Јавното обвинителство како самостоен државен орган и создава ризик од нарушување на принципот на поделба на власта.
„Од тие причини, Уставниот суд да ја отстрани секоја опасност да се дозволи директна контрола на извршната власт врз обвинителството во конкретниот случај со манифестирање низ намалувањето на коефициентите во Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, бидејќи понатаму неминовно ќе се проектира и во сите останати сегменти на јавнообвинителското работење и ќе предизвика целосно нарушување на позицијата на Јавното обвинителство во системот. Токму тоа има обврска да го спречи Уставниот суд, бидејќи најважната улога на овој суд во системот на поделба на власта е да се осигури и да овозможи тој систем навистина да постои, односно да не дозволи негово нарушување“,
порачуваат од Советот на ЈО, Јавното обвинителство на РСМ и Здружението на јавните обвинители.
Последен пат измените на законите за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители беа донесени кон крајот на февруари оваа година, а со кои беа намалени коефицинетите за пресметка на нивните плати. Од Здружението на јавните обвинители бараа повлекување на законските измени, но и покрај тоа, тие сепак беа донесени од Собранието.
И претходно во 2024 година беа донесени измени за намалување на функционарските плати со кој беа опфатени и судиите и јавните обвинители. Од јавно обвинителската фела тогаш најавија дека ќе оспорат преку иницијативи донесенбите измени со кои им се намалуваат платите.
