Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 19 октомври 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ
Интензивно се преговара со потенцијалниот кредитор за брзата пруга од границата со Србија до границата со Грција, а Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 уверува дека почетокот на изградбата, најавен за пролетта 2027 година, нема да се одложува. Според вицепремиерот и министер за транспорт, интерес покажале повеќе од 20 компании, а студиите и деталите за проектот ќе бидат објавени по завршувањето на постапката за избор на финансиер и изведувач. Соочен со ревизорските показатели за финансиската состојба на Јавното претпријатие за државни патишта и прашањата дали може да ги враќа кредитите за автопатиштата, Николоски вели дека е нормално државниот буџет да му помага во финансирањето на стратешките проекти. За „Бехтел и Енка“ тврди дека сега конзорциумот се обидува да ја стигне Владата, бидејќи се отстранети административните и експропријациските пречки и е обезбедено финансирање. Тунелите кај Пресека ги најавува за пуштање во употреба следниот месец, отфрлајќи ги наводите за можни импровизации со сообраќајната сигнализација заради побрзо отворање. Во интервјуто најавува и дека новиот мобилен оператор ќе ја користи мрежата „Старлинк“ на Илон Маск и ќе понуди значително пониски цени од постојните оператори. За набавката на 150 електрични автобуси, пак, вели дека е можно тие да се произведуваат во Кина, а дека батериите сигурно ќе бидат кинески.
