Од платформата се со став дека кандидатот на СДСМ за градоналник на Брвеница бил принуден денеска да излезе на прес-конференција и да ја докажува својата лојаност кон актуелното раководство на СДСМ, само затоа што тие вчера му честитале за неговиот, како што велат, достоинствен настап на изборите
Според нејзините организатори – поранешни и актуелни функционери во СДСМ, кои бараат реформи во партијата, ниту една, како што нагласуваат, принудна прес-конференција не може да ја покрие вистината дека лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче одработува, или како што велат од платформата му слугува на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Доколку од „Разговори за иднината во 12:05“ зависи дали кандидатите на СДСМ победуваат, тогаш ова дезориентирано партиско раководство самото признава дека мора да си замине, велат од платформата, која бара реформи во Социјалдемократскиот сојуз. Оттаму попладнево објавија писмен став во кој реагираат на обвинувањата од кандидатот на СДСМ за градоначлалник на Брвеница, Јовица Радески, кој денеска на прес-конференција, меѓу другото, изјави дека одредени членови на платформата работеле против него и барале да не се излегува на гласање.

Радески денеска рече членови и симпатизери на ЗНАМ и Левица со право на глас во Брвеница гласале за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радически, додека, пак, луѓето од платформата ЗНАМ 2.0 (како што СДСМ ја нарекува платформата „Разговори за иднината во 12:05“) работеле против него и против Социјалдемократскиот сојуз.
„Не помогнаа, туку одмогнаа. Дури одредени луѓе токму од оваа платформа повикуваа и да не се излезе на гласање и да не се гласа. Другари, требаше да дојдете и да помогнете. А не сега да кажувате за Брвеница. Размислете каква штета правите. Или молчете или помогнете, доста одмагате“,
кажа Радески.
Од платформата, пак, се со став дека Радески бил принуден да излезе на прес-конференција и да ја докажува својата лојаност кон актуелното раководство на СДСМ, само затоа што тие вчера му честитале за неговиот, како што велат, достоинствен настап на изборите.
Оттаму велат дека му се извинуваат на Радески затоа што, според нив, денеска морал јавно да се срами, „а приватно да се извинува“.
„Раководството на СДСМ сè повеќе наликува на секта во која клучниот предуслов за припадност е геслото – сите други се виновни за поразите, само Венко Филипче не носи одговорност за ништо! Јавно го повикуваме раководството да излезе со барем едно име и презиме кое припаѓа на ‘Разговорите за иднината во 12:05’ кое наводно вршело агитација против кандидатот на СДСМ во Брвеница“,
се вели во соопштението од платформата.
Според нејзините организатори – поранешни и актуелни функционери во СДСМ, кои бараат реформи во партијата, ниту една, како што нагласуваат, принудна прес-конференција не може да ја покрие вистината дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одработува или, како што велат од платформата, му слугува на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ниту една принудна прес-конференција не може да ја покрие вистината дека Венко Филипче е полномошникот за највалканиот политички дил во последните 35 години“,
се наведува во соопштението.
Инаку, Јовица Радески, кој на вонредните локални избори за градоначалник на Општина Брвеница заврши четврти со освоени 706 гласа, денеска им се заблагодари на жителите на Брвеница кои му дале поддршка и гласале за него, но изрази благодарност и до сите граѓани кои излегоа на изборите, без разлика за кого одлучиле да го дадат својот глас.

Тој го повтори ставот на својата партија дека изборните резултати покажуваат оти се намалува поддршката за власта, додека онаа кон опозицијата има тренд на пораст.
„Во споредба со минатите избори за градоначалник, ВМРО има пад од над 13 проценти, а СДСМ има раст од 46 проценти. Кога ќе се додадат гласовите на ЗНАМ и Левица, што отидоа кај ВМРО во Брвеница, околу 400, падот на ВМРО е над 800 гласа“,
рече Радески, додавајќи оти секако не може да биде задоволен од резултатот, но е задоволен што граѓаните ја препознаваат борбата на Социјалдемократскиот сојуз.
Инаку, од платформата „Разговори за иднината во 12:05“, меѓу другото, вчера ги критикуваа тврдењата на СДСМ дека оствариле подобар резултата на овие откако на локалните избори минатата година. Оттаму посочија дека раковдството на СДСМ премолчува дека Јовица Радески сега има 57 гласа помалку од гласовите што ги освои како носител на советничката листа на СДСМ во Брвеница пред една година.
Од платформата вчера упатија жестоки критики до актуелното раководство на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) поради лошиот резултат што партијата го постигна на вонредните локални избори за градоначалник на Брвеница, обвинувајќи дека тоа уште еднаш одработило во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
Социјалдемократскиот сојуз одговори со контраобвинувања, велејќи дека поранешните и актуелни функционери на партијата собрани во платформата се тие што го предале СДСМ и дека се нов сателит на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со јасна намера да внесе немир во редовите на партијата.
Вчера СДСМ, а денеска и Радески обвинија дека црна дамка на изборите фрлило објавувањето на резултатите од гласањето на болните и изнемоштените преку профили на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи, уште пред да се отворат гласачките кутии.
„Очекувам и барам истрага за точно да се види кој ги отворил кутиите, кој ги броел и кој го пратил бројот да се објави јавно, пред да стигне до комисијата“,
рече тој.
Инаку, на вонредните локални избори за градоначалник во Брвеница кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, освои 2 943 гласа, додека кандидатот на „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Аркин Јахији, е втор, со освоени 2 152 гласа. Двајцата ќе одат во вториот круг за две недели, кога треба да биде познато кој ќе биде на чело на Брвеница во наредните четири години.
Трет во вчерашниот прв круг на вонредните избори заврши Јакуп Усеини од Влен со 1 528 освоени гласа, додека кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Јовица Радески, од коалицијата беше четврти со освоени 706 гласа. Независните кандидати – Душан Богдановски и Арифе Идризи вчера завршија петти и шести, со освоени 55, односно 21 глас.
