Од СДСМ обвинуваат дека Финансиската полиција по нарачка „штанца“ кривични пријави против неистомислениците на власта и сите што ја критикуваат, додека истовремено не се презема ништо по пријавите, документите, доказите и информациите што тие како политичка партија ги доставуваат до институцијата
Оттаму во форма на прашање сугерираат дека Макрадули како тогашен директор на „Пошта“ не ги исплатил парите кон фирмите бидејќи станувало збор за договори што веќе биле истечени, како и дека ситуацијата тој ја затекнал по назначувањето на функцијата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека кривичната пријава против нивниот ексфункционер и поранешен директор на „Пошта“, Јани Макрадули, е нарачна од власта, оценувајќи дека станува збор за, како што велат од партијата, класичен политички прогонот.

Реакцијата на социјалдемократите доаѓа откако Управата за финансиска полиција денеска соопшти дека до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против поранешен директор на државната АД „Пошта на Северна Македонија“ со иницијали Ј. М. кој се товари дека не платил долг што компанијата го имала кон две фирми. Со тоа, според Финансиска, пријавениот ексдиректор предизвикал финаниска штета на „Пошта“ од околу 178 илјади евра што државното акционерско друштво морало да ги исплати како казнена камата во судските постапки што биле поведени против него поради неподмирените обврски кон двете фрими кои изнесувале околу 313 илјади евра.
Од СДСМ обвинуваат дека Финансиската полиција по нарачка „штанца“ кривични пријави против неистомислениците на власта и сите што ја критикуваат, додека истовремено не се презема ништо по пријавите, документите, доказите и информациите што тие како политичка партија ги доставуваат до институцијата.
„Поднесуваме пријави за загрозување на најважното, здравјето на граѓаните. А од Финансиска полиција, Обвинителствоот, судството, сите под контрола на Мицкоски, молк. Само кога Мицкоски ќе каже кого треба да гонат, се будат, поднесуваат кривични пријави по нарачки. Но кога СДСМ доставува документи и пријави за функционери на власта – настанува тишина“,
се вели во реакцијата од „Бихаќка“.
Оттаму конкретно посочуваат дека досега нема одговор за кривичната пријава за труењето со вода во Гостивар, за предметите за наводни криминални тендери од 200 милиони евра, за петте тони марихуана кои беа најдени во Србија, за заминување на Ива Михаилова во Бугарија и покрај забраната за напуштање на државата поради судската постапка за сообраќајната несреќа со смртна последица, како и за средствата потрошени за прославата на Денот на незавиноста.
„Никој не одговара за тендерот во ‘Пошта’ за ЗНАМ од 1,2 милиони евра. Кривичната пријава против Христијан Мицкоски експресно беше отфрлена. Но, кога Мицкоски ќе најави кој ќе биде обвинет, институциите веднаш се активираат. Законите треба да важат за сите подеднакво. Но тоа не е така со арамијата Мицкоски и ВМРО и институциите под нивна котрола. Јасно е дека кривичната против Јани Макрадули е по нарачка, класичен политички прогон“,
велат од СДСМ.

Оттаму во форма на прашање сугерираат дека Макрадули како тогашен директор на „Пошта“ не ги исплатил парите кон фирмите бидејќи станувало збор за договори што веќе биле истечени.
„Како е можно некој да добие кривична пријава затоа што не исплатил јавни средства за договори кои веќе биле истечени? Тоа е клучно, отсуство на правен основ за исиплата – во конкретниот случај договор за јавна набавка“,
велат од СДСМ.
Дополнително, додаваат оттаму, во конкрениот случај, станувало збор за состојба која Макрадули ја затекнал откако бил назначен на функцијата.
Од опозициската партија ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за самоволие, порачувајќи дека доаѓа времето на правдата и вистината кога сите ќе одговараат за злоупотребите што ги сториле.
