Според министерот за здравство, во моментов во земјава има 140 активни возила, а со новата набавка нивниот број ќе достигне околу 200. Шеесет од новите возила ќе го зголемат капацитетот на итната медицинска помош, додека останатите ќе ги заменат дотраените возила
Итната медицинска помош доби 100 нови амбулантни возила, а во тек се разговори за набавка на дополнителни 50 во 2027 година. Новите возила се опремени со ЕКГ-апарати, дефибрилатори и опрема за респираторна поддршка, информираа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски при денешното промовирање на возилата во Скопје.

„Се разбира, колку помалку се користат, тоа значи дека ќе имаме толку помалку случаи што треба да се третираат со овие возила. Но, онаму каде што е потребно, убеден сум дека со овие возила побргу ќе се стигнува и ќе се интервенира многу попрецизно, имајќи ја предвид опремата што ја поседуваат овие нови возила – 100 на број“,
кажа премиерот.
Клековски посочи дека во моментов во земјава има 140 активни возила, а со новата набавка нивниот број ќе достигне околу 200. Шеесет од новите возила ќе го зголемат капацитетот на итната медицинска помош, додека останатите ќе ги заменат дотраените возила.
Дистрибуцијата ќе се врши според утврдени критериуми, меѓу кои бројот на жители, територијата што ја покрива здравствената установа, бројот на годишни интервенции и транспорти, како и состојбата на постојните возила. Тие ќе бидат ставени во употреба по неопходната обука на медицинските тимови.

Мицкоски рече дека Владата продолжува со инвестициите во здравството и најави дека се привршуваат преговорите со Светската банка и Европската инвестициска банка за финансирање на клиничките болници во Штип и во Тетово, како и на здравствениот дом со проширена дејност во Кичево.
Одобрувањето на финансирањето се очекува кон крајот на првиот квартал од следната година, по што би можеле да следуваат тендерските постапки.
Клековски најави и реформи во организацијата на итната медицинска помош, меѓу кои воведување национални стандарди за тријажа, формирање национален диспечерски центар за координација на тимовите и постепено вклучување парамедици во службите. Целта е побрза интервенција и побезбеден транспорт на пациентите.
Како најголем недостиг на кадар во итната медицинска помош, министерот ги посочи возачите. Тој рече дека Министерството има подготвено анализа на потребите од кадар по категории, вклучително и проекции за пензионирањата до 2030 година.
