Поморската управа на Романија соопшти дека бродот пријавил пожар околу 7 часот наутро по локално време, а во тој момент се наоѓал на околу 24 километри источно од устието на реката Дунав кај градот Сулина. На бродот имало 12 лица, од кои осум се исчезнати
Властите на Романија соопштија дека спасувачките екипи трагаат по осум лица кои се водат како исчезнати откако брод што пловел под знамето на Сан Марино, утринава се запалил во Црното Море.

Поморската управа на Романија соопшти дека бродот наречен „Вајд трејдер“, пријавил пожар околу 7 часот наутро по локално време, а во тој момент се наоѓал на околу 24 километри источно од устието на реката Дунав кај градот Сулина. На бродот имало 12 лица. Од нив четворица се безбедни, а осум се водат за исчезнати.
Во тек е акција за пребарување и спасување, во која учествуваат брод и хеликоптер.
Инцидентот се случува во момент кога западниот брег на Црното Море изминатиот период е цел на серија напади со беспилотни летала. Романските власти засега не соопштија дали дрон го предизвикал пожарот на бродот.
Покрај на овој, пожар бил пријавен и на танкерот за хемикалии и нафта „Јара Ј“, што пловел под знамето на Коморските Острови, но екипажот на бродот успеал сам да го изгасне пожарот.
„Без разлика дали бродовите се погодени од дрон или не, истрагата е во тек. Ова е прашање од значителна сериозност, со оглед на тоа што вакви инциденти се случуваат во романските територијални води“,
изјави министерот за одбрана на Романија, Раду Мирута.
Претходно неделава, два трговски брода беа погодени од беспилотни летала во близина на бугарскиот брег на Црното Море. Бугарија изрази сомневање дека зад нападот стои Русија.
