Покрај кривичната пријава, внатрешната контрола при МВР најави дека против полицискиот службеник ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина
Одделот за внатрешна контрола при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе кривична пријава против А. А. – вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти при МВР – поради сомнение за сторено кривично дело фалсификување исправа.

Според пријавата, вработениот во два наврати годинава – на 3 март и на 9 јули – изготвил и употребил лажни потврди за дарување крв иако воопшто не дарувал крв во Институтот за трансфузиона медицина при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Врз основа на лажните потврди, тој изготвил и две барања за користење платено отсуство од три работни денови за деновите 3, 4 и 5 март и 9, 10 и 13 јули, по што ги искористил.
„Одделот за внатрешна контрола против А. А. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина“,
соопштија од МВР.
