За време на средбата со амбасадорот на Црна Гора во земјава, Зоран Миљаниќ, првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали ја нагласил важноста за предвидлив пристапен процес, заснован на заслуги, како и на регионалната соработка за напредување кон заедничката цел – членство во Европската Унија
Напредокот на Црна Гора на европскиот пат е охрабрувачки сигнал за регионот и за кредибилитетот на политиката на проширување. Ова го порачал првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали на средбата со амбасадорот на Црна Гора во земјава, Зоран Миљаниќ, со кого разговарале за билатералните односи, процесот на пристапување во Европската Унија и можностите за продлабочување на соработката.

Сали и Миљаниќ ги разгледале можностите за поинтензивна размена на експертиза, врз основа на Договорот за соработка во контекст на пристапувањето кон ЕУ, потпишан во 2012 година, односно за координацијата на преговорите, усогласувањето со европското законодавство, реформата на јавната администрација и управувањето со европските фондови.
За време на средбата со црногорскиот амбасадор, Сали ја нагласил важноста за предвидлив пристапен процес, заснован на заслуги, како и на регионалната соработка за напредување кон заедничката цел – членство во ЕУ.
