Уредбата, која во рок од 60 дена треба да биде усвоена од парламентот како закон, исто така воведува претпоставка дека секое лице постаро од 14 години е способно да ги разбере сопствените постапки, освен ако не се докаже спротивното

Италија најави нови безбедносни мерки по насилните протести што избувнаа во центарот на Милано за време на викендот кога демонстранти, од кои многумина малолетници, ограбуваа продавници и подметнуваа пожари, пишува „Асошиејтед прес“.
Со владина уредба, се додава во написот, се предвидува распоредување на дополнителни 500 војници во Милано до крајот на годината, се наложува родителите да ја надоместат штетата предизвикана од малолетници и се олеснува кривичното гонење малолетници постари од 14 години.
Во видео објавено на социјалните мрежи, премиерката Џорџа Мелони изјави дека присуството на толку многу млади демонстранти е болно и застрашувачко.
„Младите… дојдоа на плоштадот за да кршат, крадат и да се снимаат додека го прават тоа. Ова е феномен со кој мора сериозно да се зафатиме, исто така и за да спречиме тие слики да станат модел што другите ќе го имитираат“,
рече Мелони.
Уредбата, исто така, воведува ново кривично дело – насилно учество во демонстрации – за кое е предвидена казна затвор до пет години и парична казна до 20 000 евра. Казните се зголемуваат доколку сторителите ги кријат своите лица или доколку дојде до повреда на некое лице.
Мелони изјави дека демонстрантите ќе бидат одговорни за надоместување на материјалната штета, при што за штетата предизвикана од малолетници ќе одговараат нивните родители.
Уредбата, која во рок од 60 дена треба да биде усвоена од парламентот како закон, исто така воведува претпоставка дека секое лице постаро од 14 години е способно да ги разбере сопствените постапки, освен ако не се докаже спротивното. Досега за утврдување на ова беше надлежен судијата.
Мелони најави и дека владата ќе обезбеди дополнителни места во притворските установи, како и повеќе судии во правосудниот систем за малолетници.
Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите – од кои многумина со покриени лица – кои во саботата во центарот на Милано се судрија со полицијата, ограбуваа продавници и подметнуваа пожари. Грабежите и насилството продолжија и во неделата, а според надлежните, во текот на двата дена биле повредени повеќе од 100 полицајци.
Полицијата во Милано соопшти дека во немирите во саботата навечер учествувале 2 000 млади луѓе, меѓу кои имало голем број италијански државјани родени од странски родители, како и странски државјани. Од околу 50. лица уапсени за време на викендот, повеќе од 30 се малолетници.
