„Јас сум сигурен дека со окрупнување на опозицијата, со стабилна опозиција и со стабилен опозициски блок, дека граѓаните ќе се охрабрат и дека својот револт и незадоволство ќе го кажуваат на друг начин“, вели потпретседателот на СДСМ

Катастрофалната економска состојба, незадоволните работници и земјоделци се јасен показател за погрешните политики на владата на Мицкоски, вели потпретседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Горан Герасимовски.
Според него, власта на ВМРО-ДПМНЕ за две години покажала дека не знае да ја води државата и оти незадоволство кај граѓаните е се поголемо.
„ВМРО покажа дека во овие две години не знае да ја води државата. Многу полошо се води државата од било која претходна влада. И тоа го покажуваат и самите анкети, незадоволството и револтот кај граѓаните. И она огромно опозициско расположение кое се покажува на самите анкети“,
рече Герасимовски во интервју во емисијата „Ноќно студио“ на „Фор њуз“.
Герасимовски смета дека Владата недомаќински ја води државата, а незадоволството од политиките ги опфаќа сите категории на граѓани што секојдневно се соочуваат со последиците од тие тоа.
„Катастрофално е сè што се случува во државата особено во делот на економијата. Гледаме незадоволна администрација, гледаме незадоволни земјоделци, незадоволни бизнисмени. Јас сум сигурен дека со окрупнување на опозицијата, со стабилна опозиција и со стабилен опозициски блок, дека граѓаните ќе се охрабрат и дека својот револт и незадоволство ќе го кажуваат на друг начин“,
рече Герасимовски.
Во интервјуто Герасимовски посочи дека и блокираниот европски пат од страна на власта дополнително ја влошува состојбата во државата и додаде дека Македонија губи драгоцено време.
„Изгубивме драгоцени две години, обврската е на власта во моментов да носи одлуки. Имаат добиено поддршка од граѓаните, имаат огромен број на пратеници кои што треба да одлучуваат како ќе пристапи Македонија понатаму кон Европската Унија“,
рече Герасимовски.
