Судири во кои демонстрантите фрлаа камења и пиротехника кон полицијата избија и во други градови, вклучувајќи ги Торино, Болоња и Бергамо. Само во Милано се повредени најмалку четворица полицајци и 20 учесници на протестите. Уапсени се повеќе од 50 луѓе од кои половината се малолетници

Мирните протести во Италија против високите трошоци за живот станаа насилни како и во соседната Франција. Најголемиот протест денеска се одржа во Милано, каде што маскирани млади момчиња облечени во црно на централниот плоштад Дуомо ја гаѓаа полицијата со пиротехнички средства и поставија барикади. Полицијата првично беше принудена да се повлече и да почека засилување.
Судири во кои демонстрантите фрлаа камења и пиротехника кон полицијата избија и во други градови, вклучувајќи ги Торино, Болоња и Бергамо. Само во Милано се повредени најмалку четворица полицајци и 20 учесници на протестите. Уапсени се повеќе од 50 луѓе од кои половината се малолетници.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го осуди насилството, додека левичарскиот градоначалник на Милано, Џузепе Сала, исто така ги осуди немирите, но изрази и разбирање за незадоволството на луѓето.
„Причините за протестот беа разбирливи. Но, насилството врз полицијата и големата штета нанесена на градот не можат да се оправдаат“,
изјави Сала.
Граѓаните со ниски и средни приходи во Италија се особено тешко погодени од инфлацијата и високите цени на бензинот и дизелот, а во големите градови владее голема станбена криза, пишуваат италијанските медиуми посочувајќи дека тоа се дел од мотивите на граѓаните за да излезат на улиците.
