„Тоа е срамно, бедно и е за секаква осуда“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, отакако вчера, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров го обелодени случајот со вандализираната градинка на која беа испишани натписи против Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) кој од понеделникот е во генерален штрајк во градинките и училиштата ширум земјава
Вандализираната градинка на која некој напишал СОНК убијци уследи веднаш по притисоците, заканите и заплашувањата на власта кон вработените во образованието кои штрајкуваат за повисоки плати, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера градоначалникот на Општина Ѓорче Петров обелодени оти на објектот „Детелинка“, клон на градинката „Росица“ се испишани натписи против Синдикатот за образование наука и култура (СОНК)
„Тоа е срамно, бедно и е за секаква осуда“,
додаваат во писменото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Вработените во образованието, додаваат од партијата, не само што имаат уставно загарантирано право на штрајк, туку имаат и полн легитимитет да бараат повисоки плати согласно колективниот договор.
„Власта наместо да прави притисоци и да се заканува, треба на просветните работници да им одговори како може да дава 1 милион евра за криминални физибилити студии, 2,5 милиони евра за службени возила, 2 милиони евра за кафиња, цвеќиња, жардињери и хотелски услуги, а нема да им ги покачи платите кои се едвај повисоки од минималната плата“,
додаваат оттаму.
Случајот со вандализираната градинка во Општината Ѓорче Петров на која беа испишани натписите од типот „Штрајк на монструми“, „СОНК убијци на деца“ вчера ја обелодени првиот човек на општината, Александар Стојкоски, кој за случајот истакна оти е невиден акт на вандализам.
На фотографиите кои Стојкоски ги објави на Фејсбук се забележува оти пораките кои се испишани на градинката се наменети за Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) чии членови се во генерален штрајк во градинките, основните и средните училишта од 11 април.
Во меѓувреме, по вчерашната средба на СОНК и Владата, сè уште е неизвесно дали Синдикатот ќе го стави штрајкот во мирување од понеделник.
Претседателот на СОНК, пак, по вчерашната средба со владините претставници истакна оти не добиле конкретен предлог од Владата по однос на нивните барања, но истакна оти во текот на викендот Советот на СОНК ќе расправа за тоа дали од понеделник штрајкот би се ставил во мирување, во интерес на продолжување на наставата во училиштата и нормално функционирање на градинките ширум земјава.