Од фотографиите што на Фејсбук ги објави првиот човек на Општина Ѓорче Петров се забележува оти пораките што се испишани на градинката се наменети за Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) чии членови денеска петти ден се во генерален штрајк во градинките, основните и средните училишта
„Децата не ви се криви“, „СОНК убијци на деца“, „Штрајк од монструми“ се дел од натписите што утрово осамнаа на ѕидовите од објектот на детската градинка „Детелинка“, клон на градинката „Росица“, лоцирана во Општина Ѓорче Петров.
За ова на својот фејсбук-профил утрово информираше градоначалникот на Општината, Александар Стојкоски, кој испишувањето на мрачните пароли на градинката ги опиша како невиден акт на вандализам.
„Досега невиден акт на вандализам! Вандализиран е објектот на детската градинка ‘Росица’, клон ‘Детелинка’, во УЗ ‘Мирче Ацев’. Пријавено е до надлежните институции и го повикувам Министерство за внатрешни работи во најбрз можен рок да ги пронајде сторителите и соодветно да ги санкционира“,
пишува во фејсбук-статусот на Стојкоски.
Од фотографиите што на Фејсбук ги објави првиот човек на Општина Ѓорче Петров се забележува оти пораките што се испишани на градинката се наменети за Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) чии членови денеска петти ден се во генерален штрајк во градинките, основните и средните училишта.
Вчера претседателот на СОНК, Јаким Неделков, посочи оти штрајкувачите во две третини од градинките во земјава се соочуваат со, како што рече, стравотен мобинг и притисоци.
Тој во своето обраќање посочи дека вработени во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) преку писма им се заканувале и им кажувале како треба да се однесуваат на вработените во детските градинки.