Неделков во своето обраќање посочи дека во две третини од градинките во земјава се вршат силни притисоци и мобинг и посочи оти вработени во Министерството за труд и социјална политика праќале неформални писма до до сите градинки, со потсетување до директорите како треба да постапат, дека по закон треба да работат осум часа, дека ќе им бидат скратени дневници и слично
Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, денеска на прес-конференција истакна оти штрајкот во образованието сè повеќе добива на интензитет, но посочи и дека вработените во две третини од градинките во земјава се соочуваат со сериозни притисоци и мобинг од страна на директорите.
Тој во своето обраќање посочи дека вработени во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) преку писма им се заканувале и им кажувале како треба да се однесуваат на вработените во детските градинки.
„Во детските градинки директорите вршат сериозни притисоци врз штрајкувачите. За оваа забелешка мораме да го детектираме и изворот на притисоци. Му се допаднало тоа некому или не, тоа е Министерството за труд и социјална политика од каде што наместо да се обидат да најдеме решение, преку писма кои се дадени за потсетување како треба да постапуваат им се закануваат на штрајкувачите. На тие писма што се упатени кон градинките не стои ниту име, ниту презиме, ниту потпис и печат. Тоа се неформални писма, испратени од адресата на еден службеник од МТСП до сите градинки, со потсетување до директорите на градинките како треба да постапат, дека по закон треба да работат осум часа, дека ќе им бидат скратени дневници и слично“
истакна Неделков во однос на тоа со какви притисоци се соочуваат вработените во градинките.
Неделков истакна оти нема потреба некој од МТСП да ги потсетува вработените во градинките какви се нивните обврски за време на штрајк и додаде дека тоа што се случува е жесток притисок врз штрајкувачите во градинките кои, како што истакна, имаат апсолутно право да го изразат своето незадоволство.
„Меѓу другото, она што е уште понехумано и понечовечки е да се затвораат штрајкувачите во мали простории, во мали канцелариички во детските градинки. Да не им се дозволи за време на штрајкување од осум часа да одат во тоалет кога сакаат, да одат на појадок кога сакаат или да излезат на чист воздух. На бремени колешки да не им се дозволи да појадуваат или да излезат на чист воздух. Навистина тоа е нехумано. На ваков начин не се гради заемна доверба и не се наоѓа решение за проблемот што го имаме“,
додаде Неделков нарекувајќи го стравотен мобинг она што во моментов се случува во градинките.
За жал, како што додаде претседателот на СОНК, мобингот врз вработените од градинките е толку силен што дури не сакаат да се споменуваат ниту објектот, ниту градот, ниту името на градинката, за да не се открие дека информациите се од нив.
Тој додаде дека поради заштита на колегите нема да открие повеќе детали, но ги повика надлежните инспекторати да прават увид во објектите за време на штрајкот за, како што рече, јавноста да се увери во вистинитоста на ова што го говориме.
„Меѓународните искуства се дека за време на штрајк штрајкувачите ја водат установата, штрајкувачите се тие што раководат со штрајкувачите, никако директорите. Директорите да седат и да чекаат инструкции од штрајкувачите, а не обратно, директорите да кажуваат кога да се оди во тоалет, кога да се појадува или дали воопшто смеат да излезат на кислород во просториите“,
истакна Неделков.
Во однос на преговорите со Владата, Неделков посочи оти во моментов тежнеат кон иста цел, но се движат по различни патишта. Нагласи дека и нивната цел е штрајкот да заврши што е можно поскоро, но додаде оти без конкретен предлог од Владата прекинот на штрајкот е практично на границата на невозможното.
Министерот Јетон Шаќири претходно денеска рече дека ќе испрати писмо до СОНК со барање за продолжување на преговорите, но и за продолжување на наставата. Од СОНК соопштија дека сѐ уште не го примиле писмото, а дека за секоја понуда од МОН треба да решава нивното членство.