Преку писмено соопштение, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, вели дека во институцијата со која раководи во изминатиот период имало инспекциски надзор од страна на Инспекторатот за употреба на јазиците при што, како што вели, било утврдено дека доследно се почитува Законот за употреба на јазиците
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, ги отфрли обвинувањата на ДУИ дека во институцијата не се почитува Законот за употреба на јазиците. Партијата обвини дека Андоновска им наредила на раководителите на секторите во ИЈЗ службената комуникација да ја одвиваат исклучиво на македонски јазик, како и да ги известат вработените дека двојазичните документи повеќе нема да бидат признаени.

Преку писмено соопштение, директорката на ИЈЗ вели дека во институцијата со која раководи во изминатиот период имало инспекциски надзор од страна на Инспекторатот за употреба на јазиците при што, како што вели, било утврдено дека доследно се почитува Законот за употреба на јазиците.
Според Андоновска, за ваквите обвинувања, ДУИ очигледно е мотивирана од други причини.
„ДУИ не може да прифати дека нема повеќе ‘како и до сега’, нема повеќе неодење на работа и земање плата, нема повеќе немилосрдно, расипничко трошење на буџетите без да има резултати. Во секоја инстутуција, вклучително и Институтот за јавно здравје мора да постои ред, закони кои важат за сите подеднакво и одговорност за криминалите кои ги сториле ДУИ за време на нивниот мандат и кои транспарентно беа споделени со јавноста“,
пишува Андоновска во реакцијата.
Додава дека во ИЈЗ законите ќе продолжат да се почитуваат и да важат за сите, им се допаѓало тоа на ДУИ или не.
