Владата на СДС доколку не поддржува фашизам ќе испратеше барем една протестна нота, но од тоа ни трага ни глас, велат од најголемата опозициска партија, додека од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ е партија којашто е идеолошки поклоник на луѓето што биле извршители на Третиот Рајх и во својот статут има континуитет со Ванчо Михајлов
„Политичкиот пинг-понг“ за вчерашното отворање на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид помеѓу најголемите партии од власта и опозицијата продолжи и денеска. ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека брани фашизам со тоа што дозволил да се регистрира здружение со такво име, а од владејачката партија, пак, го обвинија опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за лицемерие.
„СДС дозволи формирање на клубот ’Цар Борис‘, исто како што претходно дозволи формирање на клубот ’Ванчо Михајлов‘. Владата на СДС доколку не поддржува фашизам ќе испратеше барем една протестна нота, но од тоа ни трага ни глас. Напротив, и од нивното политичко семејство во Европа добиваме негација на идентитетот. Станишев, лидерот на европските социјалдемократи побара да се избрише македонскиот јазик и идентитет од ЕУ извештајот. Станишев е човекот кој пред парламентарните избори во 2020 година отворено изјави дека Бугарија е национално заинтересирана за победа на Зоран Заев и СДС. А, имаше и изјави дека за Бугарија најдобро е СДС и Заев да се на власт“
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија, пак, алудирајќи на заедничката фотографија на Мицкоски и претседателот на „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски, обвинија за лицемерие на опозицијата.
„Лицемерниот Христијан Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да им објасни што прави во друштво со претседателот на контроверзниот бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“. ВМРО-ДПМНЕ е партија којашто е идеолошки поклоник на луѓето што биле извршители на Третиот Рајх и во својот статут има континуитет со Ванчо Михајлов. Граѓаните знаат дека фигура на Ванчо Михајлов беше поставена во Музејот во Ново Село во Штип и во Музејот во Скопје, како дел од криминалот проект Скопје 2014-та година. Лицемерно, безобразно и дрско е ВМРО-ДПМНЕ, партијата којашто е идеолошки поклоник на луѓето коишто биле извршители на Третиот Рајх да ја обвинува било кого“,
велат од СДСМ.
*Повеќе вести од вчерашното отворање на бугарскиот клуб во Охрид:
- „Цар Борис Трети“ ги зоврива страстите: Левица и ВМРО-ДПМНЕ ќе протестираат, МНР апелира на зрелост и достоинство
- (ФОТО+ВИДЕО) Тензично во Охрид на отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“
- Здружението „Цар Борис Трети“ е отворено согласно законите, немаме намера да провоцираме никој, вели неговиот претседател
- Политички пинг-понг од осуди и обвинувања за клубот „Цар Борис Трети“
- На протестот против бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ немало нарушувања на јавниот ред и мир, соопшти охридската полиција
- Ковачевски го осуди отворањето на клубот „Цар Борис Трети“: Тоа е провокација