За обвинувањата дека Владата нешто попуштила со Бугарија, премиерот рече дека и тој лично од тоа што го правеше бугарската страна се чувствувал како некој да го боде со нож во стомак, но, според неговата изјава друга алтернатива освен да се продолжи кон ЕУ нема
Ковачевски најави и дека можно е до крајот на годината да започне процесот на уставни измени со кои Бугарите и други народи би се вметнале во преамбулата од Уставот
Премиерот рече дека тој е дел од континуитетот на Република Македонија од времето на Киро Глигоров, Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски, Никола Кљусев, Борис Трајковски, Зоран Заев … За Мицкоски, пак, посочи е дел од времето на дисконтинуитет во државата, а тоа е времето на Никола Груевски
Го осудувам отворањето на тој културен центар со такво име иако го имаат отворено граѓани на нашата држава, рече премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи го денешниот настан на кој се отвори бугарски културен центар под името „Цар Борис Трети“.
„Тоа е провокација која никому не му носи добро. Отворање на културен центар треба да носи име на некој кој зближува, а не некој кон кој граѓаните имаат негативни чувства, не само Македонците, туку доминантно и Евреите бидејќи знаеме што се има случено со еврејската заедница во Втората светска војна“,
рече премиерот во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
Во однос на Бугарија и условот за вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот пред одржувањето на втората меѓувладина конференција со ЕУ, премиерот најави дека уставните измени ќе бидат широк консултативен процес и ќе започне кога ќе бидат подготвени тимовите што работат на тоа во Министерството за правда.
„Сметам дека и оваа година може да започне овој процес“,
рече Ковачевски.
За тоа како до двотретинско мнозинство тој одговори дека секој пратеник треба да биде свесен за одговорноста, а коментирајќи го потпишувањето изјави на нотар од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласаат за уставни измени, рече дека во разговорите со многу лидери на други држави никој нема видено такво нешто.
„Има една разлика помеѓу мене и Мицкоски. Мицкоски им нуди на граѓаните да бидат горди, сами и изолирани на мала маса. Јас им нудам да бидат достоинствени, со крената глава и да седиме на големата маса во Брисел. Јас сум дел од континуитетот на Република Македонија од времето на Киро Глигоров, Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски кој да не заборавиме го потпиша првиот договор со Бугарија, од времето Никола Кљусев, Борис Трајковски, Зоран Заев со кој влеговме во НАТО. Мицкоски е дел од времето на дисконтинуитет во државата, тоа е времето на Никола Груевски. Тие 11 години додека беа на власт ние не се помрднавме ни милиметар“,
рече Ковачевски.
За обвинувањата од опозицијата дека нашата влада нешто попуштила со Бугарија, премиерот рече дека и тој лично од тоа што го правеше бугарската страна се чувствувал како некој да го боде со нож во стомак, но, според неговата изјава друга алтернатива нема,
„Цело време обвинувањата се дека ние нешто сме попуштиле со Бугарија. Ќе бидам искрен. Јас знам дека тоа што го имавме од Бугарија за граѓаните, за најголемиот дел беше чувство како некој да ги боде со нож во стомак, и јас го имам тоа чувство, многу блиски пријатели го имаат. Но пред вас имате опција: да донесете одлука да продолжите напред, да остварите стратешка цел, да обезбедите економски просперитет, владеење на право, борба против криминал, да има социјална правда која ја има во ЕУ и поголем животен стандард за сегашните и идните генерации. Дали тие нудат друга алтернатива? Дали слушнавте друга алтернатива од Мицкоски и Апасиев? Јас знам дека тој пат ќе биде тежок, но дали ние на тој пат го задржавме чист македонски јазик: Да. Така како што ветивме. Ние во ЕУ одиме како Македонци“,
рече Ковачевски.