Предложивме каде да се постави прифатниот пункт, како да се организираат теренски екипи, како да се вклучат АХВ, Агенцијата за управување со одземен имот и МВР, како да се обезбеди хуман третман на животните, како да се дезинфицираат јавните површини и како да им се помогне на земјоделците кои претрпеле штети. Предвидовме финансиска конструкција како и петчлена комисија за надзор и редовно известување на Советот. И покрај сето ова, градоначалникот и мнозинството го одбија предлогот, кажа Ристовски
Членот на Советот на Општина Крива Паланка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ристовки на прес-конференција порача дека градоначалникот и мнозинството во Советот имале можност на денешната седница да поддржат конкретен и сеопфатен план за решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот, но тие одбиле. Според Ристовски, тој и неговата советничка група предложиле конкретен Акциски план со четири оперативни мерки, утврдени рокови, институционална координација, финансиска конструкција и механизам за контрола на реализацијата.
„Предложивме каде да се постави прифатниот пункт, како да се организираат теренски екипи, како да се вклучат АХВ, Агенцијата за управување со одземен имот и МВР, како да се обезбеди хуман третман на животните, како да се дезинфицираат јавните површини и како да им се помогне на земјоделците кои претрпеле штети. Предвидовме финансиска конструкција како и петчлена комисија за надзор и редовно известување на Советот. И покрај сето ова, градоначалникот и мнозинството го одбија предлогот. Тие денеска пропуштија можност да поддржат конкретен чекор кон решавање на проблемот“,
рече Ристовски.

Фото: Принтскрин
Тој го обвини градоначалникот Митовски дека со месеци ја префрлува одговорноста и бара виновници без да понуди план и решение за проблемот со неконтролираното движење на добитокот во Крива Паланка.
„Сега граѓаните имаат право да прашаат: Ако не го прифатија овој план, кој е вашиот план? Кои се вашите конкретни мерки? Кои се роковите? Колку средства сте подготвени да издвоите и кој ќе ја преземе одговорноста за реализацијата? Не може со месеци да се одржуваат прес-конференции, да се бараат виновници и да се префрла одговорноста на други институции. А кога ќе се понуди конкретен план да се одбива“
кажа Ристовски.
Претходно, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски на протестот што се одржа денеска ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот да постапуваат и што поскоро да го решат проблемот со неконтролираното движење на добитокот. Тој побара од централната власт да го разгледа акцискиот план на владината седница во вторник, а во спротивно најави радикализација на протестите.
„Државо собери си ги твоите говеда, ваши се повеќе од две и пол години. Многу е лесно од канцеларија да кажеш – почекајте, стрепете се. Дојдете тоа кажете им го во очи на овие напатени луѓе. Дојде ножот до коска луѓе мои, ова е колективна казна за цела Крива Паланка и затоа уште еднаш велам – доста беше. Доделете ја законската надлежност на општината и за помалку од десет дена ќе имаме трајно решение на проблемот“.
кажа Митовски.
