Многу е лесно од канцеларија да кажеш – почекајте, стрепете се. Дојдете тоа кажете им го во очи на овие напатени луѓе. Дојде ножот до коска луѓе мои, ова е колективна казна за цела Крива Паланка и затоа уште еднаш велам – доста беше. Доделете ја законската надлежност на општината и за помалку од десет дена ќе имаме трајно решение на проблемот, кажа Митовски на протестот
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски на протестот што се одржа денеска поради неконтролираното движење на добитокот во околината ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот да постапуваат и што поскоро да го решат проблемот со неконтролираното движење на добитокот. Тој побара од централната власт да го разгледа акцискиот план на владината седница во вторник, а во спротивно најави радикализација на протестите.
„Државо собери си ги твоите говеда, ваши се повеќе од две и пол години. Многу е лесно од канцеларија да кажеш – почекајте, стрепете се. Дојдете тоа кажете им го во очи на овие напатени луѓе. Дојде ножот до коска луѓе мои, ова е колективна казна за цела Крива Паланка и затоа уште еднаш велам – доста беше. Доделете ја законската надлежност на општината и за помалку од десет дена ќе имаме трајно решение на проблемот“.
порача Митовски.

Фото:Принтскрин
Дел од жителите присутни на протестот порачаа дека имаат големи штети од неконтролираното движење на добитокот во Крива Паланка и околината.
Револтирани, побара од надлежните институции конечно да преземат конкретни мерки и да го решат проблемот со добитокот, кој предизвикува штети на земјоделските површини и приватните имоти, но претставува и опасност за безбедноста на луѓето и сообраќајот. Граѓаните побараа обештетување и најавија дека протестите ќе се преселат пред Владата ако не се најде решение.
За време на протестот, дел од медиумите пренесоа дека дошло до туркање меѓу полицијата и насобраните граѓани.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека поставиле полициски кордон на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир и на улицата „Св. Јоаким Осоговски“, со цел да се обезбеди сигурноста на граѓаните. Протестот, како што беше посочено, завршил без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
Меѓу присутните на протестот беа и пратениците Борислав Крмов од Левица и Љупчо Николовски од СДСМ.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) претходно соопшти дека досега заловила 96 грла крупен добиток во Крива Паланка, но екипите на институцијата на терен се соочуваат со сериозни пречки – од непристапен терен до директни опструкции од поранешните сопственици на добитокот. Оттаму информираа дека во координација со сите надлежни институции и со локалната самоуправа работат на изнаоѓање одржливо решение во рамките на законските надлежности, водејќи сметка за здравјето на луѓето и благосостојбата на животните.
