На шестите по ред протести кои се одржаа во Франција, учествувале околу 150 000 демонстранти низ целата држава, а речиси 45 000 во главниот град, според податоци од организаторите. Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека бројот на демонстранти бил значително помал – околу 82 000 луѓе вкупно, од кои речиси 22 000 имало во Париз
Десетици илјади граѓани денеска излегоа на протести во повеќе француски градови, изразувајќи незадоволство од растот на трошоците за живот, ниските плати и влошувањето на јавните услуги. На шестите по ред протести кои се одржаа во Франција, учествувале околу 150 000 демонстарнти низ целата држава, а речиси 45 000 во главниот град, пренесуваат светските медиуми повикувајќи се на податоци од организаторите.
Според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, на протестите низ земјата учествувале околу 82 000 луѓе, од кои речиси 22 000 имало во Париз.
И покрај масовноста, одѕивот е помал во споредба со минатата недела, кога според официјалните податоци на протестите учествувале 106 000 граѓани, а организаторите процениле дека имало околу 200 000 демонстранти.
Денешниот протестен марш во Париз почна од Плоштадот на Републиката, каде на граѓаните им се приклучија синдикати, студентски организации, активисти и припадници на движењето „Жолти елеци“, кое одбележува осум години од своето формирање.

Протестите, кои првично започнаа во септември со барања на средношколците за подобри услови во образованието, прераснаа во пошироко движење против поскапувањата, нееднаквоста, недоволните плати и состојбите во јавните услуги. Демонстрантите бараат повисоки плати и пензии, подостапно домување, пониски цени на храната и енергијата, како и поголемо оданочување на најбогатите.
Протестите во најголем дел поминаа мирно, но во одделни градови беа регистрирани инциденти. Во Марсеј и други делови од земјата дошло до судири и туркања меѓу демонстрантите, палење автомобили и контејнери, по што полицијата употребиласолзавец за да ги растера насобраните. Француските власти за одржување на јавниот ред и безбедноста ангажирале околу 70 000 полицајци низ земјата.
