На денешната седница на владиниот кабинет, ќе се разгледуваат предлозите на Комисијата за заразни болести за евентуални нови рестрикции во критичните општини и во градот Скопје
Владата, на денешната седница ќе одлучува за нови мерки и евентуални нови рестрикции откако со денови наназад во земјава се регистрираат троцифрени бројки (над 100 случаи) на новозаболени од коронавирусот.
Министерот за здравство Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција, изјави дека Комисијата веќе ги подготвила мерките.
Според неофицијални информации, Комисијата предложила полицискиот час да почнува во 22 часот и да трае до 5 часот наутро, но само за дел од критичните општини во земјава, вклучително со градот Скопје, кои беа во карантин за време на продолжениот викенд.
Полициски час во земјава беше воведен на 21 март, кога почнуваше од 21 часот и траеше до 6 часот наредниот ден. Потоа, согласно со развојот на ситуацијата со коронавирусот се модифицираше траењето на полицискиот час и беа воведувани неколкудневни карантини за викенди.
На 26 мај, Владата донесе одлука за укинување на полицискиот час, но и на други рестрикции, а набрзо потоа почна повторно да расте бројот на случаи со ковид-19, посебно во неколку општини во Скопје.