На прашањето дали прерано се укинаа рестриктивните мерки против ковид-19 и дали чувствува одговорност за развојот на епидемијата, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека сите мерки кои се носеле биле издржани и носени брз база на епидемиолошки анализи.
„Апсолутно не. Сите мерки кои ги предлагавме до Владата беа издржани и аргументирани со многу параметри на дневна основа и на тие анализи кои се прават за период од две недели. Така се прави и кривата на преносливост и анализите и проценките како ќе се одвиваат натаму бројките, така да, еве секогаш има еден фактор на нешто што не може да се предвиди, а тоа беше што ова сега се случи, односно непочитувањето на мерките во рамки на некои настани“,
изјави Филипче.
Според министерот, новиот бран на заболени е резултат на семејни собири и прослави во период од 23-25 мај.
„Зошто можеме со сигурност да кажеме дека потекнува од такви семејни настани, бидејќи тоа јасно стои во епидемиолошките прашалници. Огромен број луѓе веднаш кажуваат каде се движеле кога биле на гости колку чести биле тие контакти за време на семејните посети. Рестрикцијата на движење очигледно тогаш не се почитувала исто како и превентивните мерки за дистанца и носење маски“,
изјави Филипче.
Филипче вели дека Комисијата за заразни болести сега предлага нови рестрикции на движењето за како што рече, да се олесни лоцирањето на контактите на новозаболените и да се спречи понатамошна трансмисија.
„Препораката за рестрикции сега е со цел да се олесни пристапот на епидемиолозите кон контактите коишто требаше да се завршат да се анализираат и да се направи тестирање и значајно да се намали ризикот од трансмисија од тие втори или трети колена, кон другите луѓе. Како мерка на надополнување на веќе интензивната работа на терен коишто ја имаат епидемиолозите“,
изјави Филипче.