Директорот на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) – Скопје, Арбен Зибери, презентирајќи анализа на состојбата со ковид-19 во главниот град, рече дека 65 проценти или 390 од активните случаи се поврзани со веќе познати позитивни случаи. 60 проценти или 360 од новите заразени се асимптоматски.
Околу 35 проценти или 210 од активните случаи, пак, не се поврзани со познати случаи, но оваа бројка, рече Зибери, е помала бидејќи, иако случаите не се поврзани по однос на општините каде што се регистрирани, семејно се поврзани.
„Од вкупниот број активни позитивни случаи во Скопје, 90 проценти се во 41 кластер, повеќето кластери се во кругот на фирми и семејства. Кластер може да се состои од 3 до 22 члена од семејство. 90 проценти од заболените припаѓаат на кластерите. Ова е доказ дека нашите епидемиолози ја имаат состојбата под контрола и точно знаеме од каде се новите случаи“,
изјави директорот на ЦЈЗ-Скопје.
Зибери ги соопшти и бројките на заразени по општини, според кои, најмногу заразени има во Чаир, Центар и Бутел.