Кодексот се применува за сите избрани, именувани функционери од страна на Владата. Проверете за кој било дали е избран, именуван и ќе ги расчистиме работите, вели Николовски на прашањето – зошто не бара Рашковски да се повлече од функцијата секретар во кабинетот на премиерот по обелоденувањето на случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, кој никој не го користи
Но, Николовски на истата прес-конференција призна дека реагирал и во случаи на функционери што не се опфатени со етичкиот кодекс, со барање за нивно санкционирање, како во примерот со директорот на струшката болница
Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, нема да бара разрешување на поранешниот генерален секретар на Владата и актуелен секретар во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, кој не го користи ниедна институција.
На прашање од „360 степени“ – дали ќе предложи Рашковски да се повлече од функцијата, по примерот на екс-директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, за која токму Николовски лани побара да понесе политичка одговорност додека паралелно тече истрага за случајот, вицепремиерот за борба против корупцијата денеска изјави дека станува збор за различни случаи.
Според објаснувањето, предлогот за разрешување на Димова следувал откако финансиската полиција покренала кривична пријава, а се повика и на владиниот Кодекс за етичко однесување, алудирајќи дека функцијата на Рашковски не е опфатена со тој документ. Етичкиот кодекс, вели Николовски, важи за сите министри, заменик-министри и за сите функционери именувани од Владата.
Актуелната функција на Рашковски, пак, Владата ја воведе лани, со одлука за проширување на канцеларијата на премиерот со три нови секретаријати: Секретаријат за организација и администрација на работата на претседателот на Владата; Секретаријат за комуникации и јавни политики и Секретаријат за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата. Токму со последниот секретаријат раководи Рашковски. За овие именувања (или разрешувања) решава премиерот.
„Не е точно дека предлогот за разрешување на Лидија Димова е пред што било друго направен, туку по поднесување на кривична пријава од страна на финансиската полиција и констатирањето на сите неправилности или незаконитости што треба повторно да се докажуваат во соодветната постапка и Димова директно одговора пред Кодексот како директор на една од националните агенции. Кодексот се применува, освен на министрите, на замениците, на сите директори именувани од Владата и конкретно и детално се држиме до она што е наша обврска и должност во однос на имплементацијата на она што како норма го содржи Кодексот, а особено сега и ГРЕКО тоа го потврдува дека е започната сериозна примена на одредбите што се нови во рамки на Кодексот, а тоа се санкционите норми. Тоа првпат се случува и во првиот полугодишен извештај ќе имаме успех и прогрес, констатиран од ГРЕКО во делот на имплементацијата на одредбите, но така како што се напишани и за сите за кои се применуваат. Така што, во конкретниот случај е покрената постапка веднаш по поднесувањето на кривична пријава од финансиската полиција“,
рече вицепремиерот.
Николовски рече дека истражните органи работат на случајот со Рашковски, но неколкупати повтори дека можност за отповикување од функција заради прекршување на етичкиот кодекс има само за носители на извршни функции именувани од Владата.
„Кодексот се применува за сите именувани функционери од страна на Владата. Проверете за кој било дали е избран или именуван и ќе ги расчистиме работите. Институциите ги повикавме да си ги остварат сите надлежности, заврши времето кога на кој било функционер не можеше името да му се спомне, а не да се покренуваат истраги. А, тоа што имаме поголем број на разрешувања покренати од наша страна, како иницијативи за прекршувања на Кодексот, кој за прв пат се носи и разбирам дека треба време да ги поминеме обуките и тоа ќе го рашириме до најниско ниво, затоа што за прв пат овој Кодекс се применува за сите избрани и именувани функционери, првпат носиме препораки и за градоначалници.. Разрешувања има повеќе, заменик директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, претседателот на Надзорниот одбор на МИА, има и други директори и членови на органи и тела. Поголем е бројот на оние за кои се покренати постапки и се разрешени или е реагирано на некој начин од наша страна, како што беше до министерот за здравство дека треба да се разреши директорот на струшката болница, иако Кодексот не се однесува на ова ниво на функционери. Ќе се реагира секогаш кога ќе се констатира прекршок и тоа ќе важи за сите, без исклучок“,
рече Николовски.
Премиерот, пак, кој го именува Рашковски на позицијата – секретар задолжен за мониторинг на реализацијата на владината програма и стратегиските проекти, неколкупати изјави дека во набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци нема ништо спорно и дека нема судир на интереси. Премиерот вети дека ќе бидат објавени писмени докази пред јавноста дека софтверот не е купен попусто и дека си има своја намена, но Владата досега не објави такви документи.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и Антикорупциската комисија отворија постапки за случајот. Двете институции ќе проверуваат зошто Рашковски, како генерален секретар, распишал тендер за софтвер за изрекување казни за сообраќајни прекршоци без координација со Министерството за внатрешни работи (како единствено надлежна институција за изрекување казни за сообраќајни прекршоци) и каква е поврзаноста на Рашковски со тендерот, со оглед на тоа што во 2018 година патентирал слична идеја.