За разлика од Рашковски кој отфрли поврзаност меѓу неговиот патент и софтверот што го купил како генерален секретар, премиерот вели дека не треба да се обвинува секој што патентирал систем и бесплатно го отстапил на користење на државата
Заев рече дека лично се уверил оти во набавката на софтверот нема ништо спорно, но ги повика институциите да го проверат случајот. Сепак, премиерот не кажа зошто е купен софтвер од 81 000 евра што никој ниту го барал, ниту планира да го користи
Не треба да биде обвинуван секој што патентирал систем и го отстапил бесплатно на користење на својата земја, порача денеска премиерот Зоран Заев, на прашањето дали ќе побара оставка од секретарот задолжен за мониторинг на реализацијата на владината програма и стратегиските проекти, Драги Рашковски, бидејќи како генерален секретар на Владата купил софтвер за сообраќајни прекршоци што не го користи ниту една институција, а софтверот има име слично на патентот на Рашковски – „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни”.
Заев рече дека луѓето што се инвентивни и требаат на државата, но додаде дека ако имало неетичко постапување или прекршување на законите ќе побара оставка од Рашковски.
„Однапред сакам да ставам ограда дека не треба секој да биде обвинуван, заради тоа што претходно имал создадено свој систем, го патентирал како систем, односно како процес, одредено право го отстапил бесплатно, нормално на користење на својата земја и дека на тој начин е забрането да се спроведува постапка, за да се набави таков систем, таков софтвер за потребите на државата. Сакам да ја испратам пораката дека луѓето, коишто се инвентивни во државата, коишто се докажале во својот приватен и професионален план и требаат на државата да бидат ангажирани, но ако било кој се огрешил пред законот или има барем неетичко постапување во делокругот на своето работење, сум тој којшто ќе преземе директно понесување одговорност за таквиот човек којштонаправил такво однесување, односно ќе побарам оставка или негово разрешување“,
рече премиерот.
Заев рече дека лично се уверил дека во набавката нема ништо спорно, но апелираше надлежните институции да го проверат случајот.
„Очекувам било која од надлежните институции да направи проверка, како ДКСК, соодветното обвинителство, прочитав дека едно од јавните обвинителства упатува до МВР да направи истрага, слободно нека направат истрага, затоа што лично јас проверив, постапката е целосно законито направена и набавен е софтвер по пат на конкуренција, каде од 8 милиони предвидени во буџетот се потрошени 5 милиони денари за набавка на таков софтвер кој има мултифункицонална примена и стои на располагање. Апелирам секоја надлежна институција, којашто постои во државата за проверка на законитоста на постапката да направи конкретно проверка и да достави извештај. Јас, како претседател на Владата којшто го има именувано за еден од секретарите во мојот кабинет, ќе постапам директно доколку има какво било прекршување на законот“,
рече Заев.
Рашковски, пак, пред една недела на својот фејсбук-профил отфрли поврзаност меѓу неговата патентирана идеја и набавката на софтверот.
„Категорично демантирам и отфрлам каква било поврзаност или корелација меѓу моите патентирани идеи со набавките кои Генералниот секретаријат на Владата ги има реализирано во времето кога јас бев Генерален секретар“,
рече Рашковски.
Додека Рашковски тврди дека нема поврзаност на неговиот патент и софтверот што го купил како генерален секретар на Владата, од Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија (NAIM) која застана во негова одбрана, синоќа порачаа „Ако Рашковски и укажал чест на нашата држава својот производ да го пласира тука, треба да го поддржиме, а не да го плукаме.“
За случајот со набавката на софтверот, засега постапува само Антикорупциската комисија, која по објавувањето на сторијата на „360 степени“ отвори предмет за набавката и рече дека ќе истражува што купил, а што патентирал Рашковски и зошто е купен софтвер кој никој ниту го барал ниту го користи.
„Ќе провериме што патентирал, а што купил. И како патентот ако е тој тој, како стасал до фирмата. По нашиот закон, службено лице може да остварува приходи од авторски права од нешто што е негов личен труд и тоа не е спорно, но Владата си има донесено и свој кодекс на етичко однесување којшто вели дека секое службено лице треба да ги отстрани сите состојби на судир на интереси, но и сите сомнежи. Значи треба малце да се има исаф што би рекле старите, што се прави и како се прави и дали ќе си продадеш сам на себе и колку пати ќе ќариш од еден производ“,
рече за „360 Степени“, претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.
Рашковски деновиве е актуелен во јавноста по низата стории на „360 степени“ во кои обелоденивме повеќе спорни аспекти, меѓу кои дека софтверот е купен без никаква консултација со Министерството за внатрешни работи, иако Рашковски тврдеше дека е наменет за потребите на полицијата.
Премиерот Заев најави дека Владата со документи ќе докаже дека софтверот не е купен попусто и е наменет за Министерството за внатрешни работи, но такви докази досега не беа објавени.