„Жалам што наместо да се интересирате за темите од делот на земјоделството се обидувате да ширите невистини и лаги. Жалам што во 2023 година имавме над 100 реализирани проекти, не се испромовира тоа што работеше овој тим, а најважно било ова прашање на кое пак ќе го дадам истиот одговор. И тоа ви е најбитната тема, наместо да информирате за она што граѓаните ги интересира“, им одговори министерот на новинарите

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска влезе во расправија со новинарка која, на настан организиран од неговото министерство во делот на одговарање новинарски прашања, го праша како ќе ја убеди јавноста дека не станува збор за непотизам и дека тој и неговата функција немале никакво влијание за тоа што чичко му работи во М-НАВ, а исто така е вработен и негов братучед, кој не успеал од првпат да го положи испитот.
„Жалам што наместо да се интересирате за темите од делот на земјоделството се обидувате да ширите невистини и лаги. Имавме брифинг за новинари и жалам што во 2023 година имавме над 100 реализирани проекти, не се испромовира тоа што работеше овој тим, а најважно било ова прашање на кое пак ќе го дадам истиот одговор. Чичко ми работи таму пред да бидам роден. Зарем некој што не е роден може да влијае на некој што стручно се усовршувал, работел и се вработил пред 1983 година и 20 години претходно. И тоа ви е најбитната тема наместо да информирате за она што граѓаните ги интересира“,
одговори Николовски по потпишувањето на Договорот со шпанската фирма „Глобалтек“ за поставување фотоволтаици на вода.
На новинарска забелешка дека ова е тема од јавен интерес, Николовски рече „полека“ и продолжи со објаснувањето за тоа за каков кадар станува збор. Според Николовски, лицето за кое станува збор е највисоко стручно посветен кадар, школуван во Јапонија, во Кина и во Словенија којшто после 20 години се вратил во земјата.
„Секој од нас треба да се бори да ги задржи младите тука, а всушност тоа е и нашата политика. Така што како што чичко ми работел пред 40 години, а јас според вас сум можел да влијаам на тоа вработување, во ниту еден случај, па не сум влијаел и немам комуникација, впрочем и не сакам да одам понатаму“,
рече Николовски.
На прашањето како тоа некој што е образован во Јапонија не успеал од првпат да го положи испитот, Николовски рече дека зборува за квалификациите што ги има.
„Ако е целта луѓе кои се школувани, кои се професионалци, кои инвестираат токму во тоа што треба, да имаме професионална администрација, професионални вработувања и буквално да добијат шанса да ја немаат бидејќи младите во државата се незадоволни од тоа што немаат шанса. Јас, Љупчо Николовски, имам докажано и во кабинетот во Владата, вработените ниту ги имам одбирано ниту имам влијаено. Ги имам запознаено дента кога ги завршија сите постапки. Со тоа дадовме пример дека може да се стави крај и на непотизам, на партиски влијанија“,
рече Николовски.
Тој ги упати новинарите да проверат целосно низ сите институции дали е направен увид, каква била постапката и дали станува збор за некој којшто не е квалификуван, не е школуван и не доаѓа токму во областа каде што треба.
Откако новинарите изразија незадоволство и кажаа дека жалат што Николовски е нервозен поради ваквите прашања, тој рече „воопшто не е нервоза“.
На укажувањето дека токму премиерот Димитар Ковачевски кажа дека М-НАВ станала семејна фирма, и оти сега на него му пречи тоа што некој му укажува дека негови роднини се дел од Македонската навигација, Николовски рече „воопшто не ми пречи, некому му пречи Македонците што се успешни надвор од државата да се вратат тука“.
„Јас се гордеам и се борам секој млад човек да остане тука, место да праќаме порака луѓе тука не ја бива, бегајте. Имаше постапка во ДКСК, ја затворија, дали станува збор за некој кој не е квалификуван, школуван или не доаѓа токму во областа во која треба? Станува збор за високо квалификуван кадар школуван 20 години надвор од државата и не треба да праќаме порака дека тоа не треба да се цени. Некому му смета Македонците што се успешни да се вратат тука“,
рече министерот Николовски.
Во однос на констатацијата на Ковачевски дека М-НАВ е семејна фирма, Николовски ги упати новинарите тоа прашање да го постават на премиерот.
„Тоа прашање поставете си го на премиерот. Прашањето што мене ми го поставивте децидно, длабински, без нервоза, заробувам со комплетна растовареност. И до утре сабајле можам да зборувам. Прашањето беше кога сте биле вицепремиер. Можам да утре сабајле да зборувам за планот за борба против корупција од прва до 60 мерка, кој е имплементиран“,
додаде Николовски.
Тој рече дека не коментира дали нечија фирма е семејна и додаде: „Нашата работа е ова, да потпишуваме договори, да се грижиме за македонското земјоделство и вие, со цела почит, мислам дека треба малку повеќе да посветите внимание на сето она што Министерството го реализира“.
„Не ме интересира било кој став, за било која фирма, од било кого даден. Тоа не е моја работа. Моја работа е да работам чесно, стручно, искрено, отчетно и професионално. Јас сум платен да работам во интерес на македонското земјоделство“,
рече Николовски забележувајќи им на новинарите дека не биле на брифинг кога зборувал за успесите на Министерството во 2023 година.