Одлуката на мајката, велат од Здравство, му дава на детето нова шанса за живот и претставува значаен медицински успех во третманот на пациентите со ретки заболувања
Мајка му донира бубрег на своето дете со Алпортов синдром, ретка наследна генетска болест која го оштетува бубрежното ткиво и може да доведе до бубрежна слабост. Ова е прва трансплантација од ваков вид направена во Македонија, информираа денеска од Министерството за здравство.

Нејзината одлука, велат од Здравство, му дава на детето нова шанса за живот и претставува значаен медицински успех во третманот на пациентите со ретки заболувања.
„Ова е пример за најдоброто во нашето здравство – стручност, тимска работа и човечност. Секој трансплантиран бубрег значи нова шанса за живот“,
изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Алпортовиот синдром, појаснуваат од Министерството, е ретка наследна болест која го зафаќа бубрежното ткиво, а во потешките случаи може да доведе до бубрежна слабост и потреба од дијализа. Според МЗ, овој случај покажува дека со соодветна дијагностика, темелна медицинска процена и внимателна подготовка, трансплантацијата може да биде можност и за пациенти со ретки генетски заболувања.
Со оваа трансплантација, вкупниот број трансплантации на бубрег на Универзитетската клиника за урологија годинава достигна 15, во споредба со 11 трансплантации во текот на цела 2025 година.
