Според деталите, обвинителен акт е поднесен против двајца даночни контролори кои од третото лице, кое, како што може да се препознае од соопштението, е синот на газдата на „Пулс“, Михајло Јованов, побарале и како мито примиле очила и рачен часовник за да даваат информации за вонредните контроли во објектите каде тој се јавувал како одговорно лице
Кога станува збор за обвинителниот предлог, тој е поднесен против други четворица даночни контролори и инспектори, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а еден од нив е обвинет и за фалсификување исправа. Дополнително, обвинета за оддавање службена тајна е и вработена во Државниот пазарен инспекторат, која, според Обвинителството, откривала информации кога институцијата ќе спроведува акициски контроли. Шестообвинет е сопсственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко
По речиси една година истрага кочанското Основно јавно обвинителство поднесе обвинителен акт против три и обвинителен предлог против шест лица кои се товарат за коруптивни дејствија поврзани со т.н. кабаре „Пулс“ во кое лани во пожар загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Сега веќе обвинетите, опфатени и во обвинителниот акт и во обвинителниот предлог, се товарат за кривичните дела поткуп, злоупотреба на службената положба и овластување, оддавање службена тајна и фалсификување службена исправа.
Како што соопштија утрово од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, обвиненија се поднесени против даночни контролори од Управата за јавни приходи, вработена во Државниот пазарен инспекторат и сопственикот на „Пулс“ и неговиот син.
Инаку, она што го разликува обвинителниот предлог од обвинителниот акт е што за него не е потребно зелено светло од совет за оценка на обвинителен акт, а постапката се води со скратени рокови.
Очила и рачен часовник како мито
Според деталите, обвинителен акт е поднесен против двајца даночни контролори кои од третото лице, кое, како што може да се препознае од соопштението, е синот на газдата на „Пулс“, Михајло Јованов, побарале и како мито примиле очила и рачен часовник за да даваат информации за вонредните контроли во објектите каде тој се јавувал како одговорно лице.
„Обвинителен акт за кривично дело – примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик е поднесен против двајца даночни контролори, од кои еден е обвинет за две вакви дејствија. Тие од третото лице, обвинето за давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик, побарале и примиле очила и рачен часовник со цел да го информираат за ненајавени вонредни контроли во фирмите каде тој бил одговорно лице“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Тие, велат од Обвинителството, иако биле свесни дека согласно законот не смеат да оддаваат информации во врска со даночна постапка, првообвинетиот преку пораки на вибер му давал информации на третиот обвинет за дејствијата на Управата за јавни приходи (УЈП) и на Министерството за внатршени работи (МВР) во врска со фирмите. Со тоа даночните инспектори сториле продолжено кривично дело оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик.
Двајцата даночни контролори, дополнително се обвинети и за злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 од Кривичниот законик. Според Обвинителството, тие при контрола на фирма во која одговорно бил третообвинетиот, извршена на 6 март 2024 година, иако утврдиле неправилности и нерегистриран промет, во записникот не ја внеле откриената незаконитост.
„Со ова на буџетот му нанеле шета од 98 400 денари кои останале како ненаплатена глоба кај прекршителот“,
велат од Обвинителството.
Издавање информации за контроли и фалсификување извештаи
Со намера да ги прикрие незаконитостите, вториот обвинет контролор го фалсификувал службениот извештај за контролата, поради што се гони и за кривичното дело фалсификување службена исправа од член 361 од Кривичниот законик.
Кога станува збор за обвинителниот предлог, тој е поднесен против други четворица даночни контролори и инспектори, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а еден од нив е обвинет и за фалсификување исправа. Дополнително, обвинета за оддавање службена тајна, е и вработена во Државниот пазарен инспекторат, која, според Обвинителството откривала информации кога институцијата ќе спроведува акициски контроли.
Иако во соопштението не се наведени имињата на обвинетите и на фирмите, како шесто обвинет може да се препознае, сопственикот на т.н. кабаре „Пулс“, Дејан Јованов-Деко.

„Обвинетите контролори и инспектори од УЈП вршеле даночни контроли кај правни субјекти во кои како реален сопственик се јавува шестиот обвинет, татко на лицето претходно обвинето за давање поткуп. Меѓутоа, констатираните неправилности не ги евидентирале и фалсификувале извештаи за извршените надзори. Со тоа на фирмите не им се наплаќале законски предвидените глоби. Во дејствијата на злоупотреба им помогнал и самиот реален сопственик, кој е шести обвинет во случајов“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Четири лица куртулиле од прогон
Од натамошно гонење, како што додаваат оттаму, куртулиле четири лица, кои претходно биле опфатени со кривичната пријава за дејствија поврзани со делото злоупотреба на службената положба и овластување.
Според Обвинителството, за две лица е запрена постапката поради застареност, додека за две лица истрагата утврдила дека не сториле дејствија кои ги санкционира членот 353 од Кривичниот законик или друго дело кое се гони по службена должност.
За потсетување, кочанското Основно јавно обвинителство истрагата против даночните контролори и инспектори за незаконско постапување поврзано со „Пулс“ ја отвори кон крајот на ноември минатата година. Со постапката беа опфатени 11 лица, меѓу кои и двајцата даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат од дирекцијата во Штип, кои дојавувале за инспекциските контроли, а за возврат добивале подароци.
Еден од даночните контроли против кои беше отворена истрага, а според дел од медиумите сега е првообвинет во обвинителниот акт е братот на претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска.
Инаку, пред да биде отворена истрагата, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), лани во септември објави документарен филм со наслов „Нашиот морален компромис“, во чии 22 минути и 30 секунди беа објавени и текстуални разговори преку апликации за комуникација меѓу сопствениците на т.н. кабаре и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Според ИРЛ, комуникацијата што ја добиле од свиркач покажува дека дел од инспекторите ги информираат сопствениците на објектот кога ќе има контроли во него, а може да се види и комуникација која имплицира дека се разговара за часовник како подарок за еден од државните службеници.
