Со сензори се опфатени лицата со дијабетес тип 1 до 25-годишна возраст, бремените жени со дијабетес тип 1, слепите лица со оваа дијагноза, како и пациентите со најтешки компликации и коморбидитети
Согласно расположливите буџетски средства, приоритет имаат најранливите категории пациенти, со цел да се овозможи континуирано следење на нивото на гликемија и подобро контролирање на болеста
Обезбеден е континуитет во снабдувањето со сензори за следење на гликемијата за 800 лица со дијабетес тип 1, соопштија од Министерството за здравство, додавајќи дека со тоа се проширува достапноста на современа терапија за лицата со дијабетес.

Оттаму велат дека јавната набавка склучена во април годинава важи до април 2028 година.
Во мај и во јуни биле заменети сите трансмитери согласно протоколот, а на пациентите опфатени со Програмата за дијабетес им биле распределени сензори за шестмесечен период, односно до декември 2026 година. Сензорите се подигнуваат во инсулинските аптеки, според утврдениот режим.
Со сензори се опфатени лицата со дијабетес тип 1 до 25-годишна возраст, бремените жени со дијабетес тип 1, слепите лица со оваа дијагноза, како и пациентите со најтешки компликации и коморбидитети.
Од Министерството посочуваат дека, согласно расположливите буџетски средства, приоритет имаат најранливите категории пациенти, со цел да се овозможи континуирано следење на нивото на гликемија и подобро контролирање на болеста.
Во соопштението се наведува и дека со последната јавна набавка се обезбедени зголемени количини современа инсулинска и антидијабетична терапија.
Сензорите за континуирано следење на гликемијата првпат биле обезбедени во 2023 година за 650 пациенти, додека со набавката во 2026 година бројот на опфатени лица е зголемен на 800, информираат од Министерството за здравство.
