„Народот на Србија даде силен мандат за промени. Нивните барања за владеење на правото, борба против корупцијата и слободни медиуми претставуваат реформи што можат да ја доближат Србија до Европската Унија“, напиша еврокомесарката за проширување на Икс
Еврокомесарката за проширување Марта Кос во понеделникот (26 октовмри) објави дека разговарала со носителот на Студентската листа, Илија Срдановиќ кому, како што наведува, му честитала за импресивната изборна победа на листата на предвремените парламентарни избори во Србија.

Во објавата на нејзиниот профил на социјалната платформа Икс, таа наведува дека со Срдановиќ разговарале за тоа колку е важно градењето доверба меѓу Србија и Европската Унија.
„Народот на Србија даде силен мандат за промени. Нивните барања за владеење на правото, борба против корупцијата и слободни медиуми претставуваат реформи што можат да ја доближат Србија до Европската Унија“,
напиша Кос на Икс.
Таа посочува дека Европската Унија е подготвена да ја поддржи новата влада на Србија во нејзиниот напредок на европскиот пат.
I spoke with Ilija Srdanović to congratulate the Student List on their impressive election victory. We discussed how important it is to build trust. The Serbian people have given a strong mandate for change. Their demands for the rule of law, the fight against corruption and free media are the reforms which can bring Serbia closer to the EU. We are ready to support the new Serbian government in progressing on its European path.
— Marta Kos (@MartaKosEU) October 26, 2026
Носителот на студентската листа „Студентите победуваат“, проф. д-р Илија Срдановиќ во кратко интервју за хрватскиот национален сервис – ХРТ, порача дека отсега политиката во Србија нема да ја води еден човек, туку владата на земјата. Во однос на надворешната политика и каде ќе гледа компасот на Србија сега, кон Русија или кон Европа, бидејќи меѓу кандидатите на самата Студентска листа има луѓе со различни мислења, Срдановиќ рече дека за секој следен чекор пред сè мора да се создаде отворен дијалог во општеството, а тој, додава, ќе се појави во моментот кога ќе се воспостави владеење на правото и еднаквост.
„Ќе го направиме најдобриот чекор напред во интерес на нашите граѓани. Ќе направиме сè што е во наша моќ да се осигураме дека тоа ќе се темели на демократските принципи, како фундаментални вредности на секоја цивилизирана и европска држава“,
изјави Срдановиќ.

Победата на Студентската листа на парламентарните избори во Србија предизвика бројни реакции во регионот и во Европа, чии лидери на социјалните мрежи упатија честитки со поддршка и очекувања за ново поглавје во односите меѓу земјите, зајакнување на соработката и зачувување на стабилноста на регионот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, посочувајќи дека граѓаните на Србија во неделата излегле во рекорден број за да одлучат за иднината на својата земја, во честитката на Икс, наведе дека Европската Унија е подготвена да ги поддржи реформите во областа на владеењето на правото, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и зајакувањето на демократските институции во насока на унапредување на иднината на Србија во ЕУ.
Идентични пораки упати и генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
„Вашата упорност, енергија и посветеност на европските принципи и иднината на Србија ве доведоа до оваа точка. Можете да сметате на нашата поддршка“,
напиша Берсе на Икс.
