Изборниот пресврт во Србија носи пораки и за соседните земји, оценуваат новинарките Ана Петрушева и Оливера Трајковска. Според Петрушева, клучниот тест за победниците ќе биде справувањето со неказнивоста, додека Трајковска смета дека евентуалниот напредок на Србија во владеењето на правото може да има влијание и на европската интеграција на Македонија

Најважната лекција за регионот од изборите во Србија е дека младите се активни, немаат трпение и имаат поинакви очекувања од властите, вели директорката на БИРН Македонија, Ана Петрушева, во дебата во „360 степени“ на МРТ 1.
Според неа, мобилизацијата на младите е порака што треба да ја прочитаат и другите власти во регионот.
„Јас мислам дека најважната лекција за регионот е дека младите се тука, тие се активни и немаат трпение. Мислам дека е тоа една прилично добра порака за сите во регионот. Младите немаат време за губење, не сакаат да им го губи некој времето, имаат сосема поинакви очекувања и барања од властите“,
рече Петрушева.
Новинарката Оливера Трајковска, авторка на емисијата „Вин-вин“ на Телма, пак, очекува начинот на кој новата власт ќе се постави кон регионалните прашања да биде важен и за безбедноста, особено во односите меѓу Србија и Хрватска. Во тој контекст, Трајковска предупреди на натпреварот во вооружување, за кој оцени дека ги зголемува стравувањата во регионот.

Во однос на европската интеграција, нејзината процена е дека напредокот на Србија во владеењето на правото би можел да го забрза преговарачкиот процес и да создаде нова динамика за земјите што остануваат надвор од ЕУ, меѓу кои и Македонија.
Трајковска смета дека, доколку Црна Гора продолжи кон членство, а Албанија по својата агенда, отсуството на Србија од активниот реформски процес ја прави преостанатата група земји помалку атрактивна за политички ангажман во големите европски престолнини.
На прашањето дали во победничката структура воопшто постои консензус европската интеграција да биде приоритет, таа одговори дека самото подобрување на владеењето на правото би значело исполнување на дел од условите.
„360 степени“: Но, ќе им дојде повторно Косово на дневен ред, нормализација на односите, и тука веќе не сум сигурен колку се унисони во ставот, како да се постават кон ова прашање.
Трајковска: Не, не, секако не се. Но, јас сакам да речам, кога се прави пакетот на земји кои чекорат во реформите, Македонија има свои политички приказни, билатерални прашања и останато, Србија има свое 35-то поглавје – тие се политичките одлуки.

За Петрушева, пак, успехот на Студентската листа ќе се мери пред сè преку одговорноста и справувањето со неказнивоста.
„Она што доведе до падот на Александар Вучиќ беше неказнивоста. И тоа е тоа што ќе биде клучно – дали овој експеримент со Студентската листа ќе опстане или не. Односно, дали ќе биде успешен“,
порача Петрушева.
