Според „Њујорк тајмс“, изборите се одржале во услови на ослабена контрола на Вучиќ врз власта по речиси две години студентски протести. Гласањето во голема мера било референдум за неговото досегашно владеење, оценува весникот, правејќи паралела и со изборниот пораз на унгарскиот лидер Виктор Орбан, близок сојузник на Вучиќ
Асошиејтед прес наведува дека парламентарните избори биле одбележани со висока излезеност и зголемени тензии, претворајќи се во своевиден референдум меѓу владејачката Српска напредна партија на Вучиќ и Студентската листа, поддржана од младите
Странските медиуми опширно известуваат за изборниот процес во Србија, оценувајќи дека резултатот претставува значаен политички пресврт по 14 години доминација на Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС). Во новинарските извештаи се издвојуваат победата на Студентската листа, високата излезеност и последиците што изборниот исход би можел да ги има врз политичкиот систем на земјата и нејзините меѓународни односи.

Дополнително се нагласува дека изборниот резултат доаѓа по повеќемесечни студентски протести и пошироко граѓанско незадоволство поврзано со корупцијата, владеењето на правото и функционирањето на демократските институции.
Би-би-си известува за изборниот пораз на листата предводена од партијата на Вучиќ и победата на Студентската листа, додека францускиот „Ле Фигаро“ го издвојува високиот одѕив на гласачите.
Германскиот „Дојче веле“, пак, се фокусира на можните последици од изборниот резултат врз политичкиот систем на Србија и нејзините односи со Европската Унија, Русија и Кина.
Ројтерс го анализира студентското движење како нова политичка сила што успеала да мобилизира поширок круг граѓани и да ја претвори протестната енергија во изборна поддршка, и покрај тоа што не настапува како традиционална политичка партија.
Британскиот „Гардијан“ го разгледува и поширокото европско значење на изборите, особено во контекст на владеењето на правото, демократските стандарди и идните односи на Белград со Брисел, Москва и Пекинг.
Референдум за владеењето на Вучиќ
Американскиот весник „Њујорк тајмс“ објави дека Вучиќ го признал поразот, но посочува оти меѓу него и победничката Студентска листа нема големи разлики во однос на некои чувствителни прашања, како што се статусот на Косово и односите со Русија и со Европската Унија.
Според весникот, изборите се одржале во услови на ослабена контрола на Вучиќ врз власта по речиси две години студентски протести. Гласањето во голема мера било референдум за неговото досегашно владеење, оценува „Њујорк тајмс“, правејќи паралела и со изборниот пораз на унгарскиот лидер Виктор Орбан, близок сојузник на Вучиќ.
Весникот потсетува дека Вучиќ усвоил дел од политичките методи на Орбан, оценувајќи дека неговото признавање на поразот претставувало неочекуван пресврт во однос на стравувањата дека изборниот резултат би можел да предизвика нова политичка криза.
„Њујорк тајмс“ пишува и за стравувањата од можни нерегуларности и насилство во текот на изборниот ден, потсетувајќи на изборите во 2000 година, кога Слободан Милошевиќ првично прогласи победа, но подоцна беше принуден да го признае поразот по масовните протести.
Весникот ја пренесува и оценката на поранешниот црногорски дипломат Ратко Кнежевиќ, кој го опиша изборниот исход како „тектонски удар врз политичкиот поредок воспоставен во 1987 година“.
Италијанските медиуми, меѓу кои „Република“ и „Кориере дела сера“, ја истакнуваат историската димензија на победата на Студентската листа и прославите што следуваа низ Србија, особено во Белград.
Деловниот весник „Ил соле 24 оре“ објави дека Студентската листа ја победила власта по 14 години, оценувајќи дека високата излезеност придонела за убедливоста на изборниот резултат.
Хрватските медиуми, исто така, посветија значително внимание на изборите и на признавањето на поразот од страна на Вучиќ. Порталот „Индекс“ известува за неговите критики кон независните медиуми, студентското движење и странските земји што ги обвини за обид за соборување на неговата влада.
„Јутарњи лист“ го опишува изборниот исход како крај на една политичка ера, правејќи паралела со поразот на Виктор Орбан во Унгарија. „Вечерњи лист“, пак, ја пренесува и ироничната објава на хрватскиот министер за економија Анте Шушњар, кој се пошегува дека политичарите со кои претходно полемизирал на социјалната мрежа Икс потоа ги загубиле изборите.
Хрватската новинска агенција Хина известува за прославите на улиците на Белград по признавањето на поразот, со автомобилски сирени и извици на студентите.
Францускиот медиум „Франс 24“ ја опишува победата на Студентската листа како значаен пресврт во политиката на земјата, нагласувајќи дека Вучиќ ја призна победата на движењето што ги предводеше протестите во изминатите две години.
Во извештајот се пренесуваат и пораките на претставниците на студентската коалиција, меѓу кои изјавата на Илија Срдановиќ: „Србија победи, токму како што ветивме“.
Според медиумот, овие избори, кои студентите ги опишаа и како „референдум против Вучиќ“, претставуваат прва реална шанса за промена на власта од 2012 година.
Висока излезеност и тензии
Американската новинска агенција Асошиејтед прес оценува дека признавањето на изборниот пораз од страна на Александар Вучиќ претставува „тектонски политички пресврт“ во Србија.
„Долгогодишниот владетел на Србија го призна поразот на изборите на кои тој и неговата десничарска партија се соочија со разновидно опозициско движење, предводено од студенти кои две години протестираа против неговото владеење“,
пишува АП.
Според агенцијата, станува збор за значаен политички пресврт во земјата во која Вучиќ и неговата политичка партија се на власт околу 14 години. АП потсетува дека Вучиќ имал поддршка од рускиот претседател Владимир Путин и дека студентските протести ги опишувал како обид за државен удар, поддржан од странство, со цел негово соборување од власт.
Агенцијата наведува дека парламентарните избори биле одбележани со висока излезеност и зголемени тензии, претворајќи се во своевиден референдум меѓу владејачката Српска напредна партија на Вучиќ и Студентската листа, поддржана од младите.
АП прави паралела и со неодамнешниот изборен пораз на сојузникот на Вучиќ во Унгарија, каде што, според оценката на агенцијата, учеството на младите придонело за поразот на Виктор Орбан и формирањето нова, проевропска влада.
„Еуроњуз“, „Дојче веле“ и „Ал Џезира“ ги анализираат можните последици од изборниот исход, причините за политичката и општествената криза и предизвиците што би ги донела евентуалната промена на власта.
Во фокусот на меѓународното известување е и развојот на студентското движење, кое доби поширока поддршка по трагедијата со уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година.
Заедничка тема во меѓународните анализи е прашањето дали изборниот резултат ќе доведе до суштински промени во институциите, поголема одговорност на политичките функционери и поинаков пристап кон европската интеграција на Србија.
