Според податоците од Централната изборна комисија, ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство за ибор во првиот круг

Илијана Јотова освоила 34,6, а Андреј Ѓуров 31,9 отсто од гласовите на претседателските избори во Бугарија, покажуваат податоците од Централната изборна комисија (ЦИК). Овие податоци се од 8 часот утринава по бугарско време и се однесуваат на обработени 98,99 отсто од Секторските изборни комисии во Окружните изборни комисии.
За кандидатите за претседател и потпретседател Илијана Јотова и Кирил Валчев гласале 524 913 гласачи, а за Андреј Ѓуров и Георги Кандев гласот го дале 483 846 избирачи.
Според овие податоци, кандидатите Илијана Јотова и Кирил Валчев, како и Андреј Ѓуров и Георги Кандев, ќе одат во вториот круг од претседателските избори во Бугарија, а кои ќе се одржат следната недела на 1 ноември.
Според Уставот на Бугарија, за да биде избран претседателски кандидат во првиот круг, тој мора да добие повеќе од половина од важечките гласови и повеќе од половина од гласачите мора да учествувале во гласањето. Доколку ниту еден од кандидатите не биде избран, во рок од седум дена се одржуваат нови избори, на кои учествуваат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.
На прес-конференција доцна синоќа, Јотова упати порака до бугарските граѓани дека е илузија да се мисли дека ако не гласаат, може да се промени нешто во земјата.
Најави дека ќе продолжат да водат позитивна кампања и дека сака да биде „претседател на мирот“. Таа се заблагодари на сите граѓани кои денеска го оствариле своето право на глас и кои, како што рече,„не се плашат и не реагираат на некои притисоци да останат дома“.
Претседателскиот кандидат Андреј Ѓуров, на синоќешната прес-конференција во неговиот штаб, ја повика Јотова на отворена и, како што рече, искрена дебата.
„Би сакал да ја повикам госпоѓа Јотова двајцата да застанеме пред бугарските граѓани во една отворена, искрена и цивилизирана дебата“,
изјави претседателскиот кандидат Ѓуров по завршувањето на изборниот ден.
Излезната анкета на „Маркет линкс“, објавена од бугарската телевизија БТВ, чии податоци се анкетни процени, а не официјални резултати од пребројувањето, покажаа дека Илијана Јотова освоила 32,2 отсто, а Андреј Ѓуров 31,6 отсто од гласовите во првиот круг.
Изборниот ден измина со слаба излезеност од околу 20 проценти.
Избирачките места се отворија во 7 часот по локално време, а гласањето заврши во 20 часот по бугарско време.
Право на глас имаа 6,59 милиони граѓани, кои можеа да се изјаснат за рекордни 27 кандидатски двојки за претседател и потпретседател на државата.
