На плоштадот „Славија“ беше поставена голема сцена од која диџеј пушта музика, а насобраните граѓани пејат, играат и палат факели, носејќи српски знамиња и знамиња со симболот на црвената тупаница
Илјадници граѓани и вечерва се собраа на плоштадот „Славија“ во Белград за да ја прослават победата на Студентската листа на вчерашните парламентарни избори во Србија. Студентите ги повикаа граѓаните повторно да прослават откако поранешниот претседател на земјата и носител на листата „Обединета Србија, Александар Вучиќ го призна изборниот пораз. Сообраќајот во центарот на Белград беше запрен, а бројните граѓани слават со музика, факели и огномет.

Собирот започна во 19 часот, но граѓаните почнаа да пристигнуваат на „Славија“ околу 18 часот. Според извештајот на агенцијата Бета, неколку илјади луѓе се собраа околу кружниот тек и фонтаната, а сообраќајот беше запрен околу 18:30 часот.
Студентите во блокадата претходно ги повикаа граѓаните да на прослава преку објава на социјалните мрежи со пораката: „Нека пее оваа Славија, нека танцува оро!“.
А неколку десетици освен на плоштадот „Славија“ заиграа оро и пред зградата на Радио и телевизија Србија (РТС). Собирот пред српскиот јавен сервис, како што пренесе Н1, бил мирен, а тоа го потврдува и видео објавено на социјалните мрежи, на кое се гледа како граѓани играат во весела атмосфера.
Још милог народа и кола испред РТС https://t.co/VIKa8x39Ci
— Dusan Milenkovic (@dmilenkovic) October 26, 2026
Инаку, на плоштадот „Славија“ беше поставена голема сцена од која диџеј пушта музика, а насобраните граѓани пејат, играат и палат факели, носејќи српски знамиња и знамиња со симболот на црвената тупаница.

Прослави се одржуваат и во други градови во Србија
Прославата на изборната победа вечерва не се одржува само во Белград. Студентите ги поканија граѓаните на собири и во Нови Сад, Ниш, Крагуевац и други градови во Србија.
Ова е втора вечер на прослави по парламентарните избори одржани во недела, 25 октомври.
Во меѓувреме додека граѓаните се собираа на плоштадот „Славија“, група демонстранти упаднаа во таблоидот „Информер“, барајќи од сопственкот и главен уредник Драган Вучиќевиќ да излезе и да им се извини на граѓаните за улогата што таблоидот ја играше за време на вледеење на Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС).
Група граѓани, вечерва фрлаа со јајца и кон телевизијата Пинк, исто така, блиска до СНС.
Студентите во блокада на социјалните мрежи соопштија дека не ги поддржуваат упадите во медиумите и институциите, ниту пак повикуваат на нив.
Студентската листа е убедлив победник на изборите
Инаку, според најновите прелиминарни податоци од Републичката изборна комисија, Студентската листа освои 52,73 проценти од гласовите, додека листата на „Единствена Србија“, чиј носител е Александар Вучиќ, освои 39,15 проценти.
Студентската листа, според овие податоци, освои повеќе од половина од гласовите на гласачите и обезбеди парламентарно мнозинство.
По објавувањето на резултатите, Вучиќ го призна поразот. На победата на Студентската листа ѝ претходеа речиси две години студентски и граѓански протести, кои започнаа по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.
Протестите постепено прераснаа во пошироко движење против корупцијата и владеењето на Александар Вучиќ, а студентите потоа одлучија да учествуваат на предвремени парламентарни избори.
Плоштадот „Славија“ беше едно од главните места на големи студентски протести во текот на претходните две години, а сега повторно стана центар за собирање, овој пат за изборната победа.
