„Има една хипокризија токму кај министрите од ДУИ. Еве, да кажеме Артан Груби и Бујар Османи, на едниот сестра, а на другиот снаа се вработени во М-НАВ. Јас навистина се чудам зошто овие двајца министри не ги понудија своите најблиски да работат во фабриката за електрични автомобили во Тетово“, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во Радио Лидер
Коментирајќи ја изјавата на премиерот Димитар Ковачевски од минатата недела во врска со семејни вработувања во Македонската навигација, пратеникот и член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, вели дека првиот човек на Владата е селективен во пристапот околу ова прашање.

Милошоски во емисија на Радио Лидер рече дека премиерот со едното око гледа кон претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасески и му наоѓа семејни врски, додека се прави дека не гледа оти членови на блиското семејство на актуелни министри во Владата и функционери од редовите на ДУИ се вработени во М-НАВ.
„Мене ми пречи селективноста на премиерот, со едното око гледа што прави претседателот на синдикатот и му наоѓа семејни врски, дека татко му уште од времето бил во југословенска авијација и слично, а се прави дека не гледа дека снаата на Артан Груби, дека сестрата на Бујар Османи и дека двајца зетовци и еден син на Ејуп Алими и на Беким Незири се вработени во М-НАВ“,
вели Милошоски.
Говорејќи во таа насока, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека токму кај министрите од ДУИ има хипокризија, кога станува збор за семејни вработувања во М-НАВ, која повеќе од една недела е во фокусот на јавноста по упадот во институцијата на 4 јануари.
„Има една хипокризија токму кај министрите од ДУИ. Еве, да кажеме Артан Груби и Бујар Османи, на едниот сестра, а на другиот снаа вработени во М-НАВ. Јас навистина се чудам зошто овие двајца министри не ги понудија своите најблиски да работат во фабриката за електрични автомобили во Тетово“,
рече Милошоски.
Инцидентот во Македонската навигација, според пратеникот, ѝ нанел голема штета на репутацијата на земјава, не само во регионот туку и пред Европската Унија (ЕУ).
„За жал, тоа што се случи во М-НАВ нанесе голема штета на репутацијата на Македонија, не само регионално туку пред сè во имиџот и перцепцијата на Македонија пред ЕУ. Бидејќи ова би требало да биде институција сосема надвор од семејни стебла, институција каде што ќе доминираат стандардите, строги стандарди кои треба да се исти и во Лондон, и во Виена, и во Скопје, и во Берлин итн.“,
вели пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со ДУИ, тој рече дека таа е сведена на партија којашто има силен пи-ар, а од друга страна има слаба реализација на проекти.
„Ветуваат сега тунел Тетово – Призрен, а не можат да направат ни три километри од автопатот Скопје – Блаце“,
рече Милошоски.
Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела одговарајќи на новинарски прашања во врска со инцидентот во М-НАВ, изјави дека Македонската навигација е на ниво на семејна фирма во која има вработувања до трето колено и дека затоа таму се случуваат конфликти кои обично ги има по дома. Поради тоа, рече тој, Владата и Еуроконтрол треба посериозно да се занимаваат со оваа институција и да се испита начинот на кој се прават конкурсите за вработување, како и критериумите и начинот на селекција на кандидатите.
„Таа фирма е станата како семејна фирма бидејќи кога ќе погледнете таму се вработувани до трето колено. Кога ќе видите, на претседателот на синдикатот татко му работел таму, тој таму работи, брат му работи таму. На крај тие станале како семејство во кое имаат конфликти кои обично се случуваат по дома“,
изјави Ковачевски велејќи дека во М-НАВ има премногу случајности кои имплицираат дека можеби и не се случајни.
Тројца инспектори на Државниот инспекторат за труд (ДИТ) од минатиот четврток почнаа со вонреден надзор во Македонската навигација, откако инспекторатот доби вакво задолжение од Владата на последната седница.
Директорката на ДИТ, Весна Томовска, изјави дека предмет на надзор на инспекторите е голема и обемна документација.
„Во делот на вработувањето, дали се реализирани согласно Закон, огласот исто дали е согласно со Закон. Значи во моментов тие две работи ќе се проверуваат, ќе се проверуваат последните вработувања, потоа дали синдикатот има најава за штрајк и дали тоа се е во согласно со законот“,
изјави минатата недела Томовска.
Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски во интервју за „Топ тема“, рече дека не се плаши од најавените трудови инспекции и повика тие да почнат од него, но потоа инспекцијата да спроведе контрола и врз останатите вработени. Како што истакна, интересот за вработување во М-НАВ е за местата кои имаат многу мала или никаква одговорност.

Тој додаде оти му е јасно дека тој ќе биде на тапет затоа што, како што рече, случувањето во М-НАВ не им одговара на многу луѓе.
„Целта е дефокус. Инаку, татко ми работеше во контрола на летање, јас сум примен со полагање на сите испити и обуки, 29 години работам таму. Постојано сме под надзор и се усовршуваме, полагаме пред странски експерти и тука нема простор дали некој некого сакал или не. Приоритет е квалитетот и добредојден е секој што може да одговори на задачите, независно дали е нечиј или ничиј. Во однос на најавените контроли од трудова инспекција, нема да биде прв пат. Од 2006 година сум претседател на Синдикатот и при секоја директна замерка на директорите поставени партиски, сме ’трн во око’. Имаме постојани контроли, така беше и во 2008-ма, 2009-та, 2012-та и 2014 година. Нека почнат да ја ’чешлаат’ работат во М-НАВ, нека почнат и од мене, но нека продолжат и со останатите вработени“,
рече Тасевски во интервјуто.
По инцидентот од 4 јануари со упадот во објектот на Контролата на летање и напад на вработените, што се случија по реакциите и оспорувањата од Синдикатот за спроведувањето на последниот оглас за вработување и работата на раководството на М-НАВ, Владата на седница, минатиот вторник даде насоки надзорниот одбор на М-НАВ да ги разреши претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, и секторскиот извршен директор во М-НАВ, Љубе Стаменковски, а на нивните места да ги именува Хекуран Асани, односно Милан Кораќ.
Првиот вицепремиер Артан Груби, пак, во гостување во ТВ 24 го оцени како хистерија тоа што целиот настан во М-НАВ се поврзува во ДУИ.
За упадот во Македонската навигација, осомничени се вкупно осум лица, од кои петмина се достапни за на истражните органи и на нив им е одреден 30-дневен куќен притвор. Меѓу нив е и шефот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Беким Незири. По останатите тројца полицијата и понатаму трага.