Според Томовска, почетни информации за еден ваков надзор ќе има за повеќе од една недела, бидејќи инспекторите мора да ја разгледаат обемната документација, а потоа ќе разговораат и со синдикалниот лидер

Тројца инспектори од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) од денеска вршат надзор во Македонска навигација (М-НАВ). Од Државниот инспекторат за труд велат дека инспекцискиот надзор ќе продолжи и во текот на утрешниот ден бидејќи, како што вели директорката на ДИТ, Весна Томовска, станува збор за голема и обемна документација.
Томовска вели дека инспекторите ќе ја разгледуваат документацијата околу вработувањата, но и тоа дали синдикатот има најави за штрајк согласно Законот.
„Во делот на вработувањето, дали се реализирани согласно Закон, огласот исто дали е согласно со Закон. Значи во моментов тие две работи ќе се проверуваат, ќе се проверуваат последните вработувања, потоа дали синдикатот има најава за штрајк и дали тоа се е во согласно со законот“,
вели Томовска.
Според Томовска, почетни информации за еден ваков надзор ќе има за повеќе од една недела, бидејќи инспекторите мора да ја разгледаат обемната документација, а потоа ќе разговораат и со синдикалниот лидер.
„Значи мора да ја разгледаме целокупната документација“,
вели Томовска.
Државниот инспекторат за труд, во вторникот по одржана седница на Владата, доби задолжение да изврши вонреден инспекциски надзор во синдикалните организации во рамките на М-НАВ.
Освен задолжението за ДИТ, Владата даде и препорака за Агенцијата за цивилно воздухоповство (АЦВ) да продолжи со „започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за тоа да го информира ресорното министерство и Владата“.
Инаку, главна тема на оваа владина седница беа разрешувањата на двајцата директори во М-НАВ и предлозите за именување на нови, по минатонеделните случувања во оваа институција, каде осум лица, меѓу кои и претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Беким Незири упаднаа во контролата за летање и нападнаа вработен.