Не може да чекаме ниту минута повеќе, порачаа од Асоцијацијата на пациенти со цистична фиброза денеска пред Владата
Со положување венец и цвеќиња пред Владата, пациенти со цистична фиброза и нивни семејства денеска му оддадоа почит на Благојче Илиевски кој почина чекајќи го лекот „трикафта“.
Жално е, вели мајка на дете со цистична фиброза, во 21 век, кога има лек, пациенти да умираат од цистична фиброза. Не може да чекаме, порачаа од Асоцијацијата на пациенти со цистична фиброза, ниту минута повеќе.

„Дојдовме да му оддадеме почит на нашиот соборец Благојче кој ја изгуби битката со ретката болест со цистична фиброза и жалосно е во 21 век кога има лек за оваа болест да умираат пациентите. Многу сме изреволтирани од предолгото чекање и одлучување дали да се донесе лекот и за колку пациенти. Мислам дека нема веќе чекање. Пациентите со цистична фиброза не може повеќе да чекаат ни една минута. Ќе ги замолам сите надлежни да го донесат лекот за сите 60 пациенти“,
изјави Ирена Василевска, мајка на дете со цистична фиброза.
Претставници на Асоцијацијата попладнево се на средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата кој денеска во изјава за медиумите се согласи дека можело да се направи повеќе за да се продолжи животот на Илиевски, но не било направено поради, како што истакна, комплицираната и неверојатна бирократија поради која нашата земја пати 30 години.
Премиерот беше категоричен дека тој повеќе нема да чека на бирократските лавиринти за да преземе нешто и соопшти дека го задолжил Фондот за здравство веднаш да се одвојат средства за набавка на терапијата за критичните пациенти согласно барањата на Детската клиника.
„Надлежните денеска ќе седнат и нема да станат додека не се сменат законите за набавка на лекови од производител што има патент, а не да се прават профити од маржи. Смртта е нешто што е неизбежно и тоа е надвор од наша контрола, но јас верувам дека државата мора да преземе поголема одговорност и да го спречи непотребното страдање на кој било во државата. Јас сакам да живеам во таква Македонија. Затоа утрово станав многу рано ги разбудив сите одговорни и затоа се носат одлуките за набавка на овој лек“,
рече денеска Ковачевски.