Ова, според лидерот на СДСМ, е резултат на политиките кои ги спроведува Владата предводена од Мицкоски, а за кои американската администрација е добро запознаена
Премиерот Христијан Мицкоски не е на списокот на државници и функционери кои ќе остварат средба со американскиот претседател Доналд Трамп – изјави денеска лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче.

Ова, според Филипче, е резултат на политиките кои ги спроведува Владата предводена од Христијан Мицкоски, а со кои американската администрација е добро запознаена.
„Очигледно е дека американската администрација добро знае дека Христијан предводи влада која во земјава носи кинески пари, спротивно на нашите и интересите на нашиот партнер САД. Оваа власт учествува во шверц на дрога преку граница, ја поткопува демократијата и ги контролира медиумите заедно со руско-српските врски. На тој начин не се води држава, на тој начин не се исполнуваат партнерствата со нашите стратешки партнери ЕУ и САД“,
изјави Филипче.
Показател за нарушените односи со Соединетите Американски Држави, додава лидерот на СДСМ, е што првпат од осамостојувањето, Вашингтон ја намалува воената помош за земјава.
„Можеби е подобро Мицкоски и неговата делегација да останат под радарот во Америка. Ако дознаат дека се таму, можеби ќе ги сместат заедно со венецуелскиот диктатор Мадуро и ќе ги задржат на екскурзија“,
вели Филипче.
Опозицискиот лидер дополнително го отвори прашањето за бројноста на делегацијата предводена од премиерот која во моментов е во САД. Повикувајќи се на информации од СДСМ, Филипче рече дека македонската делегација во САД брои над 50 луѓе и праша кој ги плаќа високите трошоци за патувањето.
Премиерот Мицкоски неодамна рече дека се надева на средба со американскиот претседател Доналд Трамп за време на својата посета на Њујорк, каде што ќе учествува на годинешното Генерално собрание на ОН.
