Јавното обвинителство уште во 2023 година отвори предмет по сториите на „360 степени“ дека во скопската општина Чаир се легализирале десетици бесправно изградени станбени згради кои не смееле да се легализираат бидејќи не се изградени пред март 2011 година, што е главен услов во законот. Не само тоа, туку и според датумите по кои општината ги водела предметите, во некои случаи во моментот на поднесувањето на барањата за легализација, објектот не бил ниту почнат да се гради – покажуваат старите сателитски снимки од Гугл. Досега никој не одговараше за очигледната злоупотреба и нема најава дека тоа наскоро ќе се случи
Откриваме и дека според евиденцијата на Министерството за транспорт, од 80 општини во државава само четири имаат поднесено копија од регистарот со сите барања за легализации на дивоградби заклучно со 31.12.2018 година, како што се обврзани со закон. Тој датум, 31.12.2018 година е последниот до кога можеше да се поднесе барање за легализација на дивоградба. Ако нема втора копија депонирана во Министерството за транспорт, како освен со „чесен збор“ може да се гарантира дека и ден-денес не се допишуваат барања како да се поднесени пред 31.12.2018 година? И за овој „пропуст“, не одговарал никој
Поминати се околу две и пол години откако ја објавивме првата од серијата стории со кои покажавме како во Општината Чаир се легализирале дивоградби кои не го исполнуваат основниот услов – да биле изградени до март 2011 година.
„Оваа зграда покрај булеварот „Никола Карев“ е легализирана на крајот на 2020 година. Иако објектот е легализиран како да постоел во 2011 година, до 2018 на терен немало ни трага од зграда. Парцелата почнува да се расчистува во декември 2018 година, а зградата е готова во септември 2020, непосредно пред легализацијата“,
објавивме, меѓудругото, во ноември 2023 година.
Јавно објавивме уште 10 вакви случаи. Имавме уште толку други за кои немаше место во нашите извештаи. Како воопшто се легализирале дивоградби кои не го исполнувале условот, да се изградени до март 2011 година, од општината тогаш ни одговорија – барателот е оној што поднесува изјава заверена на нотар за тоа кога е изграден објектот. А тие, како локална власт, немаат законска можност да проверат дали изјавата е точна.

Временска машина
Но, тоа не ја одговори дилемата која логично се наметнува ако се знае и дека – последниот рок за поднесување барања за дивоградби беше 31 декември 2018 година.
Како е можно да се поднесени барања за легализација на дивоградби кои воопшто не се изградени? Еве два можни одговори. Едната е самите инвеститори да поднесувале барања за легализација до општината со дадена изјава на нотар, иако се уште не почнале да го градат објектот којшто треба да се легализира. Вториот можен одговор е – општината Чаир да си чува место или пак да си додава нови бројчиња во старите уписници, од претходните години.
По серијата објави на „360 степени“, јавното обвинителство отвори предистрага.

„Они нека си ја вршат својата работа. Што ќе побараат, тука сме. Ако има неправилности, ќе одговараме.“
– Како медиум и ние објавивме дека дел од зградите реално не постоеле пред 2011 година. Дали вие како општина ќе постапите некако?
„Има изјава од сопствениците што аплицирале.“
– Да, но бидејќи сега знаеме дека изјавите се лажни, дали вие ќе постапите некако?
„Јас не сум обвинителство да настапувам?“
– Мислев кон барателите на легализација?
„Нека судот одлучува. Врз основа на тоа што ќе одлучуваат, ќе постапуваме и ние“ –
одговараше тогашниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, на прашањата на „360 степени“.
Почнал да гради зграда на 11 години?!
Сето ова се случуваше во ноември и декември 2023 година. Кога ни дојде на гости во јуни 2024 година, тогашниот државен јавен обвинител беше воздржан за текот на постапката иако беа поминати шест месеци од нејзиното отворање.
„Се прибираат докази, како материјални така и вербални, и постапката е во тек. Не можам во моментов никакви детали за тоа да ви кажам“,
изјави Љупчо Коцевски, тогашен државен јавен обвинител, во јуни 2024 година.
Коцевски и натаму беше на функцијата државен јавен обвинител кога во очи на локалните избори, во пролетта и летото 2025 година, нови агли во целиот случај отвори тогашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.

„И, го чекаме Висар Ганиу да се јави на главна каса… Значи, одговорен си и треба да докажеш, сега во овој момент, како си успеал да ги упишеш овие легализации во Катастар, без да имаш документи од Град Скопје. Од Град Скопје ти е вратено дека оваа дивоградба си ја правел во изминатата година, а не во 2011 година“,
кажа Данела Арсовска во мај 2025 година, обиколкувајќи новоизградена зграда во Општината Чаир.
Повиканиот, градоначалникот на Чаир, реагираше брзо.
„Правниот основ за уписот на легализацијата којашто беше запишана беше решение за легализација доставена од овластено лице, а тоа е градоначалник на Општина Чаир, за која потоа се дозна во јавноста дека беше поднесено барање и за бришење на легализацијата, и повторно морам и можам да напомнам дека од страна на Општина Чаир, како професионален корисник којшто доставува предмети до нас, до агенцијата за Катастар за недвижности, ни беше доставен правен основ – а тоа е решение за поништување на легализација“,
изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, неколку дена по првите прес-конференции на Данела Арсовска.
Арсовска продолжи да објавува нови примери на противзаконски легализирани дивоградби. Последиците од антидатирањето, во некои случаи, беа повеќекратно апсурдни.

„Иновацијата е што господинот Беким Аземи е најмладиот претприемач во Република Македонија во изминатото столетие. Тој ја изградил, според документацијата којашто ни ја презентира Висар Ганиу, односно за којашто лаже Висар Ганиу, ја изградил оваа зграда во 2010 година, кога имал само 11 години и поднел своерачно изјава и барање за легализација на оваа зграда кога имал само 12 години. Затоа, не е ни чудо што сме ние четврта најјака економија во Европа, затоа што нашите млади уште од 12-годишна возраст, во Чаир, се стекнуваат односно градат згради и аплицираат со барање и стануваат милионери“,
изјави Данела Арсовска кон крајот на месец јуни 2025 година.
Трета година „обвинителството постапува“
Обвинителството почна да постапува по документите кои Арсовска ги достави до нив. Уште малку, па ќе помине цела година оттогаш, а во јавноста не е познато дека се ближи денот кога некој ќе одговара за толку очигледното изигрување на законите.
Па, прашавме и сами – што е преземено и до каде се отпочнатите предмети.

„Во ОЈО ГОКК се постапува по кривичните пријави поднесени од поранешната градоначалничка на Град Скопје и предметот е во предистражна постапка. Издадени се низа наредби до МВР, а се преземаа и други дејствија.
Дополнително, предметот во кој постапуваше јавен обвинител од ОЈО Скопје е доставен на надлежност на ОЈО ГОКК и споен со овој предмет. Во меѓувреме, предметот го наследи новоизбран јавен обвинител кој ќе треба истиот да го проучи и да донесе одлука за текот на понатамошната постапка и донесување на евентуално нови наредби и преземање на други дејствија“,
ни одговорија од Јавното обвинителство.
Не добивме одговор – кога може да се очекува јавнообвинителска одлука, односно затворање на предметите или отворање истрага.
Словото на законот го фермаат 4 од 80 општини
Законот за постапување со бесправни објекти во себе има вграден механизам кој требаше да спречи да се легализираат дивоградби преку лажни изјави или антидатирање документи. Едноставен е – општините требаше да водат регистар за сите поднесени барања за легализација, при што членот 26 предвидува.
Примерок од регистарот од ставот (1) на овој член доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, во рок од 15 дена од денот на истекот на рокот за поднесување на барање за утврдување на правен статус.
пропишува член 26, став 3, од Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
Имајќи предвид дека крајниот рок за поднесување на барања за легализација се продолжуваше три пати, тоа значи дека секоја општина треба да има испратено по три примероци од регистрите до надлежното Министерство за транспорт.
Па, од овој владин ресор побаравме список – колку општини имаат поднесено регистар по последното продолжување на рокот за поднесување барања за легализации, до 31 декември 2018 година.

Според деталниот преглед што го добивме, од вкупно 80 општини во земјава, само Боговиње, Богданци, Новаци и Сарај ја исполниле законската обврска да достават регистар на поднесени барања за легализација, согласно последните измени од законот.
Тоа значи дека кај сите други, 76 општини на број, постои можноста регистарот да се дополнува и ден-денес. Тоа, се разбира, е противзаконски, но кој би можел да докаже дека нешто е допишано кога не постои втора копија запечатена на крајот на 2018 година и депонирана во Министерството за транспорт, а со која може да се направи споредба?
Чија вистина е вистината?
На оваа тема поставивме серија прашања до десет поголеми општини. Ни одговорија од Битола, Куманово, Кичево, Гостивар, Тетово и скопски Аеродром.
На прашањето, зошто немаат поднесено до Министерството копија од регистарот заклучно со 2018 година, од Тетово одговорија дека воделе електронски регистар. Од Кичево не добивме конкретен одговор на тоа прашање. Од Гостивар ни кажаа дека регистарот го има ископирано Управата за финансиска полиција уште во 2019 година.
Од Битола објаснија дека тоа било работа на тогашното раководство.
Доколку тогашната локална самоуправа не ја исполнила законската обврска во законски предвидениот рок, актуелната локална самоуправа не може да даде одговор за причините за таквото непостапување од страна на тогашната локална самоуправа.
Од Аеродром, пак, најавија внатрешна истрага.
Во таа насока, по добиените прашања од Вашата редакција, Општината спроведува интерна постапка, со која детално ќе се утврдат причините поради кои оваа законска обврска не била реализирана во предвидените рокови.
Од Куманово – дека веќе го имаат поднесено регистарот.
Регистерот за барања од рокот 2015 и 2016 г. е доставен веднаш по комплетирање, а дополнително заедно со регистарот за барања од 2018 г. во јануари 2019 г. повторно се доставени сите регистри.
Ниту една општина не кажа дека ќе го достави регистарот.
На едно од нашите следни прашања – како може да гарантираат дека регистарот не е дополнуван со барања за легализации за објекти изградени по 31 декември 2018 година, добивме шаренолики одговори.
Од Тетово добивме сличен став, како во 2023 од Чаир.
Согласно Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, секој подносител на барање е должен, како прилог кон барањето, да достави нотарски заверена изјава, дадена под целосна морална, материјална и кривична одговорност, дека бесправниот објект е изграден пред 2011 година. Следствено, секое поднесено барање се темели врз документација и изјава доставени од страна на подносителот, во согласност со важечката законска постапка.
Од Кичево, пак, одговорија:
Со сигурност може да потврдиме дека во Регистрите за поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти како и во уписниците на Општината не се додадени (допишани) барања по 31.12.2018 г., но со антидатиран датум пред 31.12.2018 г.
Од Гостивар ни го пратија точниот број примени барања според временските интервали во законот и тврдат дека:
Направени се и редовни и вонредни контроли од Управна инспекција и може да проверите дека бројот на поднесени барања е истиот.
Куманово и Аеродом имаа сличен став – дека начинот на архивско работење им овозможувал увид и следливост на постапките. Одговорот од Битола отвора и друга дилема – регистар бил изготвен во 2022 година, по доаѓањето на нова локална власт. И, велат, можат да тврдат дека не се допишувани предмети само за периодот од 2022 па наваму.
Дивоградба од закон
Дека целата законска процедура за легализација на бесправни градби и самата станала институционално одобрена дивоградба, говорат и други фрагменти кои дури сега го добиваат своето полно значење.
Уште во 2018 година, тогашниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски, тврдеше дека се обидел да спречи легализации на дивоградби кои очигледно биле изградени подоцна од март 2011 година.
„Јас не потпишувам ниту еден акт за легализација на бесправно изграден објект доколку на гугл-снимките, во март 2011 година кога е стапен во сила законот, тој објект не постоел. Меѓутоа, во второстепена комисија ни ги одбиваат нашите документи и пресудуваат во полза на странките, иако таму било ливада, нема никаков објект, затоа што законот не предвидува како доказ да се користат сателитски снимки од Гугл, туку само изјавата на странката која е дадена на нотар. Го немам сега тонското пред мене, на работа ми е. Тврди дека на суд не му ги признале сателитиските снимки од Гугл“,
изјави за „360 степени“ тогашниот градоначаник на Општина Велес, Аце Коцевски, во мај 2020 година.
Со тоа, кругот се чини е затворен. Полза, јасно е, имаат, само оние што и покрај сите отстапки и натаму работат без да ги почитуваат законите на државата.
