Во Општината Шуто Оризари легализирале дивоградби што никнале пред само неколку години и покрај тоа што законот јасно пропишува дека тоа е дозволено само за бесправни објекти изградени пред март 2011 г. Врв на апсурдите е тоа што општината регистрирала барања за легализација на датуми кога, според јавно достапните сателитски снимки, на конкретните парцели се гледаат празни полјани. На решенијата се потпишани и поранешниот градоначалник Елвис Бајрам и сегашниот Курто Дудуш
Од Општината велат дека не ги отфрлаат нашите наводи, туку дека немаат начин да проверат кога е изграден одреден објект, па мораат да се потпрат на изјавата што ја дава барателот на нотар. Посочуваат и дека сателитски снимки од Google Earth не се докази допуштени во управна постапка. Се повикуваат на Мислење од Владата од 16 февруари 2021 година
Шуто Оризари е многу повеќе од улицата со пазарот и затворот. Населбата се развива, како и многу други урбани места.Еден начин да се гради е единствениот законски – со обезбедено одобрение. Другата опција е да се гради незаконски, а изграденото потоа да се легализира. Тоа го дозволи Законот за бесправно изградени објекти, според кој – се што е изградено заклучно со март 2011-та, може да се легализира, ако се поднесе барање до 31 декември 2018 година.Тоа значи дека изграденото по март 2011-та е дивоградба што нема шанси да се озакони. Но, во Шуто Оризари откривме дека има и трет начин да се озакони незаконието.
По допрен глас, „360 степени“ доби информации, а потоа провери низа објекти од различен тип кои се легализирани, како да биле изградени до 2011. Фактите кои ги утврдивме преку документи од Катастарот и од јавно достапните историски сателитски снимки од Гугл, покажаа дека објектите никако не смеело да бидат легализирани бидејќи се изградени далеку по март 2011 – крајниот датум до кој една дивоградба треба да е изградена за да биде легализирана.
На местото каде сега има комплекс од куќи се наоѓа на улица меѓу Шуто Оризари и Визбегово, во 2011 година имало ливада. Парцелата е празна и следната, и годината потоа. Првите објекти се појавуваат во 2014-та. Типските куќи, кои доминираат денеска, етапно почнуваат да се гледаат на сателитските снимки од октомври 2018-та. До декември истата година, кога истекува крајниот рок за поднесување барања за легализација, на терен има две куќи во фаза на карабина и една во изградба. Останатите ја пополнуваат парцелата во текот на 2021 година. Но, според датумите на документите од Катастарот, барањата за легализација биле поднесени пред да се изградат објектите. На пример, барањето за легализација на објектите 8, 9 и 10 било поднесено на 24.12.2018 година. А во тој момент, како што покажавме, еден од нив бил само на темели. Куќите кои се појавиле подоцна се легализирани со барања кои, вели логиката, биле поднесени пред воопшто да почнат да се градат.


Куќи се легализирале и на друга локација, во близина на хотелот „Бон-бон“. Таму во 2011 година ги нема двата објекта. Градбите, според сателитските снимки, се појавуваат многу подоцна – во 2018-та. Но, според документите што Општината ги доставила до Катастарот, произлегува дека барањата за легализација се поднесени седум години пред нивната изградба – во август и септември 2011-та. Притоа, едното решение за легализација го потпишал претходниот градоначалник Елвис Бајрам во 2017-та, а другото, неговиот наследник Курто Дудуш, во 2022-ра. И за двете легализации е наведено дека се приложени сметки од ЕВН, како и нотарски изјави на барателите – дека објектите се изградени пред март 2011.


Истата приказна е и со следната градба. Парцелата била празна во 2011 година. Празна била и во декември 2018 година. Објект, за првпат, се појавува на сателитските снимки од август 2019 година. Но, во документите пишува дека барањето за легализација е поднесено на 30 март 2016 година. Во прилог на барањето имало и изјава заверена на нотар од барателот на легализацијата од 10 март 2016 година, па и доказ – сметка од ЕВН Македонија и покрај тоа што, потсетуваме, локацијата била празна во 2011-та. Сепак, градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, на крајот на 2019 година ја легализира куќата како да е градена во законскиот рок.
По истиот терк е изградена и легализирана и бетонска база. Во 2011-та е празна полјана, исто како и во 2016-та. Дека нешто ќе се гради навестува чистењето на теренот дури во 2021-та. Бетонска база се појавува во март 2025-та. Но, барање за легализација е заведено со датум од март 2016. Решението за легалиација е од февруари 2023, а и во овој пример е приложена сметка од ЕВН, како и нотарска изјава.


Во близина на бетонската база, има и повеќекатен објект на кој на приземјето забележавме механичарскa работилница. Таму парцелата е празна се до 2016-та. Објектот се појавува во јануари 2017-та. Сепак, на барањето за легализација стои датум од август 2011, а решението за легализација со потпис на Елвис Бајрам е од април 2017.
Наидовме на уште една градба налик на автомобилска работилница. Сателитските снимки на Гугл направени во август 2011, пет месеци по крајниот законски рок до кога некој објект требало да постои за да се побара негова легализација, покажуваат дека на плацот има стари возила. Во 2014 парцелата е чиста, а во следните две години повторно се полни со возила. Помалиот објект се појавува во август 2016-та, а поголемиот, во август, но дури 2019-та. За двете градби наведено е дека барањето е поднесено во јануари 2016, а решението за легализација е од септември 2023.
Празна, во 2011-та, била и парцела предвидена за складиште за старо железо. Таму објект никнува дури во ноември 2021 година. Но, иако градба немало, на барањето за легализација стои јули 2018-та, а се легализирало на 30 септември 2021 – пред во реалноста да биде готов објектот.
Овој објект, пак, личи како да не е ниту дограден. Во 2011-та земјиштето било празно. Парцелата се оградува дури во 2017-та, а есента истата година објектот почнува да се гради. Барањето за легализација е од 2018-та, а постапката, проследена со сметка од ЕВН и нотарска изјава, завршила во април 2024-та.

Сознанијата ги потврдивме преку вкрстување на сателитските снимки со податоците од Агенцијата за кастатар на недвижности, откако побаравме увид и историски преглед на извршните запишувања на претходно споменатите парцели.
Потоа, во Општина Шуто Оризари, побаравме интервју со актуелниот градоначалник или писмени одговори. Нè интересираше, како се легализирани објекти изградени по законски утврдениот рок, односно по март 2011. И, како е можно да одобриле легализации на објекти кои не биле ниту почнати да се прават, кога е побарана нивна легализација?

„Законот за постапување со бесправно изградени објекти … изречно пропишува дека барателот е должен да достави изјава заверена на нотар, дадена под кривична и материјална одговорност, со која се потврдува дека бесправно изградениот објект е изграден пред влегување на сила на Законот, односно пред 3 март 2011… Оваа формулација значи дека законодавецот свесно ја поставил одговорноста за вистинитоста на фактите исклучиво кај барателот… Согласно начелото за законитост и доверба во исправите, Општината е должна да ги цени овие изјави како регуларни и веродостојни докази, при што не располага со законски основ за навлегување во нивната фактичка основа, ниту за преиспитување на точноста на наводите содржани во нив, освен во случај на постоење на јасни и проверливи индиции за спротивното“,
велат од Општина Шуто Оризари.
Додаваат и дека легализацијата е комплексна постапка и решенијата може да се донесат и многу подоцна откако е побарана. Посочуваат и дека сателитски снимки од комерцијални интернет-платформи не се докази допуштени во управна постапка. Се повикуваат на Мислење од Владата од 16 февруари 2021 година.
„Општина Шуто Оризари не ги отфрла Вашите наводи. Напротив – ги сметаме за корисна информација што може да укаже на евентуални злоупотреби од страна на поединци. Меѓутоа, како јавен орган, ние сме должни да постапуваме исклучиво во рамките на законските овластувања и согласно доказите што законот ги предвидува. Владата во 2021 година јасно стави до знаење дека Google Earth не е доказ во овие постапки и дека користењето на таков сервис (услуга) води кон нееднаква примена на законот. Општина Шуто Оризари го почитува овој став и доследно го применува. Она што можеме да го направиме и што јавно го ветуваме е следново: доколку надлежните инспекции или обвинителството утврдат дека за некој објект е донесено решение врз основа на лажна документација, Општината веднаш ќе постапи согласно членот 124 од Законот за општа управна постапка и ќе го огласни тоа решение за ништовно“,
велат оттаму.
Инаку, пред зградата на Општина Шуто Оризари екипата на „360 степени“ беше дочекана од непознати лица, кои без да кажат кои се и кого претставуваат, ни бараа дозвола за снимање, иако од јавна површина снимавме јавен објект. Откако телефонски реагиравме кај администрацијата, попречувачите се тргнаа.

Законот за постапување со бесправно изградени објекти беше објавен во Службен весник на 24 февруари 2011 година. Стапи на сила осум дена подоцна. Во членот 2, став 2, јасно се вели дека легализацијата е можна само за објектите изградени до тој момент:
Предмет на овој закон се бесправните објекти од ставот (1) на овој член на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина.
Колку ли пати временската машина свртела во Шутка?
