Шест лица загинаа, а најмалку 14 се повредени откако вооружен маж вчера пукаше на улица во Киев
Украинската служба за безбедност го класификува како терористички напад вчерашното масовно убиство на цивили во Киев. Според најновите информации, шест лица загинаа, а најмалку 14 се повредени. Меѓу повредените има и 12-годишно дете.
Нападот се случи во областа Холосиевски, кога вооружен маж почна да пука кон цивили. Според информациите објавени во медиумите, напаѓачот се засолнил во супермаркет каде што држел заложници и пукал кон полицајците кои се обидувале да го приведат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека полиција го ликвидирала напаѓачот и дека се истражуваат мотивите за злосторството.
„Утврдено е дека напаѓачот запалил стан пред да излезе на улица со оружје. Претходно бил гонет за кривични дела. Долго време живеел во регионот Донецк и е роден во Русија. Сите достапни информации за него и мотивите зад неговите постапки темелно се истражуваат. Секој детаљ мора да се потврди“,
кажа Зеленски.
