Старото еколошко жариште Лојане со децении стои нерешено, а во исто време се најавува нов рудник за антимон. Не сме против инвестиции. Но, не може моделите да бидат фокусирани на профитот и бизнисот, со висок ризик по здравјето на граѓаните, велат од СДСМ
По најавата на премиерот Христијан Мицкоски за отворање рудник со антимон во кривопаланечко Луке мора да има поширока јавна дебата и, секако, да се прашаат граѓаните, тие да одлучат, порачуваат од СДСМ. Во партиско соопштение наведуваат дека станува збор за сериозно прашање и за тоа како државата одлучува за своите ресурси, за здравјето на граѓаните и за иднината на локалните заедници.
„Старото еколошко жариште Лојане со децении стои нерешено, а во исто време се најавува нов рудник за антимон. Не сме против инвестиции. Но, не може моделите да бидат фокусирани на профитот и бизнисот, со висок ризик по здравјето на граѓаните. Не може да се зборува само за економска корист која не е сигурна. А, при оа никој да не зборува за загадувањето и опасноста по луѓето, за цената на загадена вода, за цената на заболени луѓе и за цената на уништено земјоделство. Тоа не се бројки во извештаи, тоа се последици кои траат со генерации“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Ако државата не може да го реши Лојане, тогаш нема кредибилитет да отвора нови рудници, порачуваат од СДСМ и додаваат дека за вакви проекти граѓаните мора да бидат прашани и да учествуваат во процесот на донесување одлуки.
Бараат јавни расправи со реално влијание, локален референдум и вклучување на стручната и локалната јавност. Дополнително, како што велат, треба да бидат исполнети и неколку клучни услови:
„1- Владата итно да ги реши постојните еколошки жаришта. Без тоа не може да инсистира на отворање нови рудници 2 -Целосна транспарентност пред граѓаните. Сите договори, економски параметри, студии за влијание мора да бидат јавно објавени. Исто како и детални информации за фирмите кои стојат зад ова. Имајќи ја предвид целата криминална мрежа на фирми и бизниси на Мицкоски граѓаните имаат право да знаат дали има скриени профити. 3- Системот мора да биде затворен еколошки систем без испуштање во почва, вода или воздух. 4 -Финансиска гаранција однапред обезбедена од инвеститорот за санација на евентуални штети. 5 -Независен мониторинг со јавни податоци достапни во реално време. 6 – Директен локален бенефит за општината и за граѓаните. 7 -Континуирана здравствена заштита и следење на населението финансирани од инвеститорот“
велат од СДСМ.
Доколку овие услови не се исполнат, тогаш подобро е да нема рудник, се наведува во соопштението од опозицискиот СДСМ.
