Владејачката партија отвора прашања за наводни трансфери на стотици милиони евра од Венецуела во 2019 година и прашува дали тогашниот премиер Зоран Заев и министерот Филипче знаеле за нив и дали имале улога во тие трансакции
Од владејачка ВМРО-ДПМНЕ велат дека лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, со лаги и манипулации создава хистерија во врска со случајот со Алта банка и го саботира процесот за решавање на состојбата со банката.

Во партиско соопштение испратено до медиумите по гостувањето на Филипче во „Дневникот“ на ТВ Сител, велат дека парите на граѓаните, штедачите и доверителите се безбедни и дека наскоро се очекува нормализирање на работењето на банката.
Според партијата, критиките на Филипче имаат цел да му наштетат на процесот и да ја намалат вредноста на банката.
„Парите на граѓаните, штедачите, доверителите се безбедни и многу скоро ќе врати и нејзиното нормално функционирање. Токму тоа им пречи на Филипче и СДС и затоа прават сè, со лаги и манипулации креираат хистерија со цел да наштетат на процесот и да ја намалат вредноста на банката. Ова е класична саботажа со цел да се наштети на државата, правното лице и на граѓаните, што е дело казниво со закон“,
се вели во соопштението од партијата.
Во реакцијата, владејачката партија ја споменува и пропаста на Еуростандард банка и обвинува дека фирми во сопственост на братот на поранешниот премиер Зоран Заев и негови бизнис-партнери добивале милионски кредити без покритие кои, според нив, не биле вратени. Како примери ги наведуваат „Сара инженеринг“, „Глобал медија груп“ и „Тритерол“.
„СДС и Филипче се навикнати банки да банкротираат, системот да се стабилизира, граѓаните да останат без своите пари, а за сметка на тоа сопственици на фирми блиски до Заеви, да ќарат милиони. Како што е случајот со Еуростандард банка, од која фирми во сопственост на братот на Заев и негови бизнис-партнери како ‘Сара инженеринг‘, ‘Глобал медија груп‘, ‘Тритерол‘, освен што зедоа милионски кредити без покритие, парите не ги ни враќале. Ама затоа, пак, со банкротот на банката, без своите со мака заработени пари останаа штедачите и граѓаните“,
велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за последиците од стечајот на Еуростандард банка одговорност треба да преземат и Филипче и Заев.
„Од друга страна, кога Венко Филипче зборува за некаква одговорност, освен за пропаста на Еуростандард банка, редно е заедно со неговиот ментор, Зоран Заев, јавно да проговорат и да сносат одговорност за сомнителните трансфери на стотиците милиони евра од Венецуела која тогаш била под санкции и пари во други земји и биле замрзнати“,
додаваат оттаму.
Дополнително, партијата отвора прашања за наводни трансфери на стотици милиони евра од Венецуела во 2019 година, прашувајќи дали тогашниот премиер Заев и министерот Филипче знаеле за нив и дали имале улога во тие трансакции.
„Дали заедно со Заев премиер, а Венко министер во 2019 година знаеле и стојат зад овие трансфери со кои во Македонија се „переле“ сомнителни, односно криминални пари? Тоа е она што СДС и Филипче треба да се фокусира и да дадат одговори на македонската јавност, а не да прават се за да го саботираат процесот кој има за цел да ги заштити интересите на сите засегнати страни, а првенствено на македонските граѓани“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, вечерва во гостување на ТВ Сител рече дека влезот на Алта банка на македонскиот пазар е резултат на политички договори меѓу премиерот Христијан Мицкоски и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тврди дека власта била запознаена со лицата поврзани со банката и дека не може да се оправда со неинформираност на надлежните институции.
Филипче ја доведе во прашање и улогата на премиерот во процесот на преземање на Стопанска банка Битола, потсетувајќи на изјавата на гувернерот Трајко Славески дека бил консултиран Мицкоски. Праша и зошто премиерот и министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска, според неговите наводи, на владина седница укажувале на јавните претпријатија кои поседуваат акции во „Стопанска банка“ Битола да ги продадат на Алта банка.
Осврнувајќи се на најавената надзорна расправа во Собранието, Филипче рече дека нејзината цел е да се утврди одговорноста на сите вклучени во процесот и да се добијат одговори за потеклото на парите, финансиските трансакции и постапувањето на надлежните институции.
Најави дека на расправата би требало да бидат повикани околу 30 лица, меѓу кои премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на државата, министерката за финансии, гувернерот и вицегувернерите, менаџерскиот тим на Алта банка, како и претставници на институциите кои располагаат со информации за финансиските текови.
Според Филипче, расправата треба да трае онолку колку што е потребно за да се постават сите релевантни прашања и јавноста да добие одговори.
Во фокусот, вели дека треба да бидат и последиците за граѓаните, посочувајќи ги пензионерите кои чекаат ред за услуги во филијалата на банката во Битола.
