Лидерот на СДСМ, осврнувајќи се на најавената надзорна расправа во Собранието, рече дека нејзината цел е да се утврди одговорноста на сите вклучени во процесот и да се добијат одговори за потеклото на парите, финансиските трансакции и постапувањето на надлежните институции
Најави дека на расправата би требало да бидат повикани околу 30 лица, меѓу кои премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на државата, министерката за финансии, гувернерот и вицегувернерите, менаџерскиот тим на Алта банка, како и претставници на институциите кои располагаат со информации за финансиските текови
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, вели дека влезот на Алта банка на македонскиот пазар е резултат на политички договори меѓу премиерот Христијан Мицкоски и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тврди дека власта била запознаена со лицата поврзани со банката и дека не може да се оправда со неинформираност на надлежните институции.
Во гостување во „Тема на денот“ на Дневникот на телевизија Сител, Филипче рече дека постои разлика меѓу незнаење и свесно учество во процесот на влез на банката во земјава.
„Едно е да не знаете, а друго е да сте дел од целата таа игранка и шема и да ги знаете многу добро тие луѓе“,
рече Филипче.
Според него, ќе се утврди оти надлежните имале обврска да го овозможат влезот на Алта банка, поради, како што тврди, политички концесии кон власта во Србија.
„Јас ви тврдам дека тоа ќе излезе на крај, дека овие луѓе имале обврска да донесат Алта банка тука кај нас, затоа што имале политички концесии со режимот на Александар Вучиќ, менторот на Христијан Мицкоски“,
велои лидерот на СДСМ.
Филипче ја доведе во прашање и улогата на премиерот во процесот на преземање на Стопанска банка Битола, потсетувајќи на изјавата на гувернерот Трајко Славески дека бил консултиран Мицкоски. Праша и зошто премиерот и министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска, според неговите наводи, на владина седница укажувале на јавните претпријатија кои поседуваат акции во „Стопанска банка“ Битола да ги продадат на Алта банка.
„Каква е врската на премиерот и министерката Кочоска со Алта банка Белград? Па, зарем тоа не е најдобар доказ дека на новиот сопственик му овозможуваат зголемување на неговиот капитал?“,
рече тој.
Првата прес-конференција за Алта банка ни беше во декември 2025 година
Потсети дека СДСМ повеќе од една година јавно укажува на случајот со Алта банка и побара од надлежните институции да одговорат дали ги провериле партиските наводи уште по првите предупредувања.
„Ние за тоа и на тоа укажуваме единаесет месеци наназад. Првата прес-конференција на која што предупредуваме за Алта банка Белград е во декември 2025 година. Банка којашто станала банка од менувачница, банка за којашто се сомнева дека има огромен капитал стегнат со криминални и коруптивни зделки во Србија, за која што има сомнеж дека се переле пари преку шверц на дрога, дозволија да влезе кај нас“,
рече тој.
На надзорната расправа во Собранието треба да бидат повикани околу 30 лица
Осврнувајќи се на најавената надзорна расправа во Собранието, Филипче рече дека нејзината цел е да се утврди одговорноста на сите вклучени во процесот и да се добијат одговори за потеклото на парите, финансиските трансакции и постапувањето на надлежните институции.
Најави дека на расправата би требало да бидат повикани околу 30 лица, меѓу кои премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на државата, министерката за финансии, гувернерот и вицегувернерите, менаџерскиот тим на Алта банка, како и претставници на институциите кои располагаат со информации за финансиските текови.
Според Филипче, расправата треба да трае онолку колку што е потребно за да се постават сите релевантни прашања и јавноста да добие одговори.
Во фокусот, вели дека треба да бидат и последиците за граѓаните, посочувајќи ги пензионерите кои чекаат ред за услуги во филијалата на банката во Битола.
„Сигурно ќе трае колку што треба. Има некои временски ограничувања согласно Деловникот, меѓутоа имаме сосема легитимни прашања коишто треба да се постават и за коишто јавноста треба да биде информирана“,
вели тој.
Оската Мицкоски-Орбан-Вучиќ
Оцени и дека случајот е дел од поширока политичка поврзаност меѓу Мицкоски, Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан, обвинувајќи дека целта е да се запре европскиот пат на земјава.
„Случајот со Алта банка е само еден симбол на суштината на владеењето на оваа власт, затоа што тоа е изворот на сите криминални пари и изворот на финансирање за тоа како додека беше во опозиција се одржуваше Христијан Мицкоски, како дојде на власт во 2024 година и ова не е прв пат да зборуваме, сме зборувале и порано за оската на Орбан и Вучиќ, како го инсталираа Христијан Мицкоски тука на власт и како сега владее“,
кажа Филичпе.
Посочи дека влезот на унгарскиот телекомуникациски оператор на македонскиот пазар е поврзан со обид за контрола врз медиумскиот простор. Тој направи паралела со медиумската поврзаност со Унгарија и улогата на медиумите како Еуроњуз и Арена Спорт М.
Според него, над 40 отсто од унгарските медиуми се под контрола на луѓе блиски до поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан.
„Нас не ни треба уште еден телеком. Каква е улогата на унгарските медиуми? Над 40 проценти од медиумите се контролирани од луѓе блиски на поранешниот премиер Орбан. Христијан Мицкоски е само пионот на оваа оска на Орбан и на Вучиќ кај нас, со цел земјава да се опљачка и да се запре европскиот пат на земјата“,
вели тој.
Дали Славески е поставен за гувернер со цел да овозможи Алта банка да влезе на нашиот пазар?
Филипче рече дека треба да се утврди дали поставувањето на Славески на функцијата било дел од поширок план за овозможување на влезот на српската банка во земјава.
„Дали Трајко Славески не е поставен за гувернер само за да ѝ овозможи на Алта банка да влезе на нашиот пазар? И тоа е едно од клучните прашања“,
вели тој.
Како аргумент за поврзаноста на премиерот со процесот, тој го посочи тврдењето на Славески дека добил дозвола од Мицкоски да разговара за ова прашање.
Филипче ја доведе во прашање и улогата на Владата во процесот, особено во однос на продажбата на акциите на јавните претпријатија во Стопанска банка Битола на Алта банка. Според него, треба да се утврди зошто премиерот и министерката за финансии на владина седница им укажувале на јавните претпријатија да ги продадат акциите.
Посочи дека согласноста за влез на Алта банка била дадена на 1 септември, додека на 23 септември, само 22 дена подоцна, на владина седница се разговарало за продажба на акциите на јавните претпријатија во Стопанска банка Битола на истата банка.
„Каква е поврзаноста на премиерот и министерката за финансии со Алта банка? Дали имало претходен договор со Давор Мацура дека ќе му се овозможи да го зголеми сопственичкиот удел?“,
праша Филипче.
Побара одговор и за тоа како Давор Мацура купил осигурителна компанија во Македонија, дали министерката за финансии дала согласност за трансакцијата, како што предвидува законот, и дали бил проверен неговиот кредибилитет.
