Во извештајот се посочува на селективна примена на правото, пристрасно постапување, незаконски претреси и злоупотреба на обвинителските овластувања, а одговорност за системските пропусти му припишува на главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ
Комисијата оценува и дека обвинителската функција била користена за остварување цели што не се поврзани со правото, преку дискредитирање граѓани, сведоци и други лица, како и преку закани со кривичен прогон поради јавно изнесени ставови. Посочува дека со ваквото постапување биле ограничувани правата на оштетените и се создавал обесхрабрувачки ефект врз остварувањето на слободата на изразување и правото на мирно собирање
Комисијата на Врховното јавно обвинителство во Србија утврдила сериозни пропусти во работата на Вишото јавно обвинителство во Белград, со кое раководи вишиот јавен обвинител Ненад Стефановиќ, во повеќе предмети поврзани со протестите, меѓу кои и случајот со наводната употреба на звучен топ, смртта на студентка на Филозофскиот факултет и помилувањата на осомничени за кривични дела.

Во извештајот, објавен од „Нова.рс“, Комисијата наведува дека во постапувањето на обвинителството имало пристрасност, прекршување на законските процедури и злоупотреба на службените овластувања.
За обвинителот Миодраг Марковиќ предлага да биде покренато кривично гонење поради сомневање за злоупотреба на службената положба, како и негово отстранување од функцијата додека трае постапката за утврдување одговорност.
Случај „Звучен топ“
Комисијата оценила дека Вишото јавно обвинителство во Белград не спровело соодветна истрага за наводната употреба на звучно оружје за време на протестот „15 за петнаесет“, одржан на 15 март 2025 година во Белград, туку се обидело да ја потврди однапред донесената одлука дека такво оружје не било употребено.
Во извештајот се наведува дека обвинителите пристрасно ги толкувале фактите, пренагласувајќи ги доказите што го поддржувале нивниот став, а занемарувајќи ги оние што можеле да укажат на поинаков заклучок. Комисијата посочува и на логички пропусти во образложението на одлуката, за кои смета дека биле направени со цел да се оправда однапред заземениот став.
Посебно се издвојува начинот на кој бил заведен предметот. Според Комисијата, со неговото водење во регистарот КТР и донесувањето службена белешка наместо решение за отфрлање на кривичната пријава, на оштетените им била оневозможена можноста за поднесување приговор до повисок обвинител.
Комисијата оценува дека на тој начин било неоправдано попречено користењето на ефективен правен лек, што претставува повреда на член 13 од Европската конвенција за човекови права.
Ја доведува во прашање и непристрасноста на заменик-главниот обвинител Миодраг Марковиќ, посочувајќи дека уште пред донесувањето на одлуката јавно најавувал кривично гонење на лица за наводно организирање симулација на употреба на звучен топ.
Во извештајот се критикува и начинот на кој обвинителството ги оценило доказите, бидејќи, според Комисијата, ги занемарило сведочењата на околу 150 граѓани, медицинската документација и наодите на германскиот експертски тим „Earshot“. Дополнително, обвинителството побарало од БИА да провери дали 154 граѓани кои сведочеле за употреба на звучен топ се поврзани со политички партии.
Комисијата оценува дека наместо да ја истражува можната употреба на звучен топ, Вишото јавно обвинителство во Белград преземало активности против лица кои јавно тврделе дека акустичното оружје било употребено, меѓу нив и воениот аналитичар Александар Радиќ. Против него биле преземени повеќе истражни дејствија, вклучително и претреси, поради сомневања за кривични дела поврзани со повикување на насилна промена на уставниот поредок и подготовка на дела против уставното уредување.
Во извештајот се предлага поведување дисциплинска постапка против јавните обвинители Миодраг Марковиќ и Александра Стефановиќ поради кршење на начелото на непристрасност и нарушување на довербата на граѓаните во обвинителството. За Марковиќ се предлага и, доколку биде утврдена тешка дисциплинска повреда, да се поведе постапка за негово разрешување, како и да биде отстранет од функцијата.
Комисијата предлага и кривично гонење на Марковиќ поради сомневање за злоупотреба на службената положба. Бара да се испита и дали тој постапувал по нечии налози, односно дали раководството на обвинителството влијаело врз неговото постапување во предметот за наводната употреба на звучен топ на протестот на 15 март 2025 година.
За претресите на Филозофскиот факултет и Ректоратот
Комисијата оценува дека во истрагата за смртта на 25-годишната студентка на Филозофскиот факултет во Белград, на 26 март 2026 година, Вишото јавно обвинителство направило повеќе законски пропусти и ги злоупотребило процесните овластувања, пренасочувајќи го фокусот од околностите на смртта кон активностите на студентското движење.
Според извештајот, иако судската наредба предвидувала преземање видеоснимки од безбедносните камери за конкретен период, обвинителството усно побарало, а полицијата одзела цели сервери од Филозофскиот факултет и Ректоратот. Комисијата оценува дека со тоа биле прибавени и податоци што не биле поврзани со истрагата, вклучително и бази на податоци за студенти и вработени.
При претресите биле одземени и седум хартиени вреќи со 26 регистратори со записници од студентски пленуми, документи на студентските парламенти и други материјали. Од Ректоратот, пак, биле одземени транспаренти, памфлети, беџови, налепници, спрејови, како и документи поврзани со работата на студентските организации.
Комисијата посочува дека и при разговорите со граѓаните полицијата поставувала прашања за активностите, плановите и организацијата на студентското движење, иако повод за истрагата била смртта на студентката. Тоа укажува дека трагичниот настан бил искористен за прибирање информации за студентскиот покрет, а не само за утврдување на околностите на смртта. Според оценката во извештајот, на тој начин обвинителството станало инструмент за остварување цели што не се поврзани со правото.
Комисијата смета дека во постапувањето на обвинителите може да има елементи на кривичното дело злоупотреба на службената положба и предлага надлежното обвинителство, по извршените проверки, да поведе кривично гонење против обвинителите кои работеле на предметот.
Случај „Помилувања“
Комисијата ги разгледала и постапките поврзани со помилувањата на лица против кои биле поднесени кривични пријави. Во тој предмет, според извештајот, обвинителството ја отфрлило пријавата против тогашниот претседател Александар Вучиќ без претходно да ги провери наводите и да ја прибави потребната документација.
Извештајот опфаќа и други предмети поврзани со постапувањето на обвинителството за време на студентските протести, вклучително и случаите на повредени студенти и нападот врз студентите и вработените на Факултетот за драмски уметности.
Кривично гонење на обвинител
Комисијата предлага дисциплински постапки и утврдување одговорност на повеќе обвинители, а за Марковиќ бара и кривично гонење.
Во однос на главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, предлага да се испита неговата дисциплинска одговорност и да се покрене постапка за негово разрешување.
Комисијата на Врховното јавно обвинителство во Србија утврдила системски неправилности во работата на Вишото јавно обвинителство во Белград, оценувајќи дека тие не се изолирани пропусти на поединечни обвинители, туку последица на начинот на кој со институцијата раководи главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ.
Во заклучокот на извештајот се наведуваат селективна примена на правото, пристрасно оценување на доказите, предвремено отфрлање кривични пријави, одолговлекување на постапки, незаконски претреси и одземање предмети, како и злоупотреба на хиерархиските овластувања при распределбата на предметите.
