Во предложениот текст за Кривичниот законик, како што инфромираат од Правда, се вградени 33 релевантни директиви на Европската Унија, а во текот на консултациите биле разгледани повеќе од 50 мислења и предлози
Паралелно се работеше и на новиот Закон за кривичната постапка. Експертската работна група предводена од проф. д-р Гордана Лажетиќ, составена од 25 членови, ја заврши подготовката на текстот во октомври 2026 година. Предлогот предвидува усогласување со 25 релевантни европски директиви и стандарди“, велат од ресорното Министерство
Правосудниот систем во земјава по 30 години ќе добие нов Кривичен законик. Од Министерството за правда денеска информираа дека ги доставиле текстовите на нацрт-кривичниот законик и нацрт-законот за кривична постапка до Европската комисија за мислење, со што, како што велат од надлежниот ресор, продолжува процесот на сеопфатна реформа на казненото законодавство и негово усогласување со европските стандарди.

Што се однесува до Законот за кривична постапка (ЗКП), актуелното законско решение беше донесено во ноември 2010 година, а почна да се применува нешто повеќе од две години подоцна, односно до 1 јануари 2013 година.
Од Правда наведуваат дека целосно новиот Кривичен законик (КЗ) се подготвува по три децении, а заедно со новиот Закон за кривична постапка треба да обезбедат поефикасна борба против криминалот и корупцијата, поправични судски постапки, подобра заштита на жртвите и поголема правна сигурност за граѓаните.
Според ресорното Министерство, суштината на реформата не е само донесување нови закони, туку во нивната примена и резултатите што треба да ги почувствуваат граѓаните.
„Целта е да се создаде законска рамка што ќе овозможи ефикасни истраги, правични судски постапки, еднаква примена на законот и одговорност без исклучоци“,
се вели во соопштението од Правда.
Подготовката на новите КЗ и ЗКП
Подготовката на новиот Кривичен законик, наведуваат оттаму, започна во 2019 година, а рамките на процесот работната група, предводена од академик Владо Камбовски во периодот од 2020 до 2026 година спровела широки консултации со претставници на правосудството, академската заедница, надлежните институции и граѓанските организации.
Во предложениот текст, како што инфромираат од Правда, се вградени 33 релевантни директиви на Европската Унија, а во текот на консултациите биле разгледани повеќе од 50 мислења и предлози.
„Паралелно се работеше и на новиот Закон за кривичната постапка. Експертската работна група предводена од проф. д-р Гордана Лажетиќ, составена од 25 членови, ја заврши подготовката на текстот во октомври 2026 година. Предлогот предвидува усогласување со 25 релевантни европски директиви и стандарди“,
велат од ресорното Министерство.
Клучни решенија и очекувања
Меѓу клучните решенија, според информациите оттаму, се унапредувањето на конфискацијата, финансиските истраги, електронските докази, посебните истражни мерки, заштитата на жртвите, како и можностите за одржување рочишта и изведување докази на далечина.
Во подготовката на двата законски текста значајна поддршка обезбедиле меѓународните партнери, особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Со доставувањето на предлозите до Европската комисија, од Правда велат дека продолжуваат со исполнувањето на обврските од Реформската агенда и усогласувањето на домашното законодавство со европското право.
„Реформата на казненото законодавство треба да донесе конкретни промени во функционирањето на правосудниот систем, како и дека нејзината вистинска вредност ќе се покаже во поефикасните истраги, поправичните судски постапки, посилната заштита на правата и поголемата правна сигурност за секој граѓанин“,
наведуваат од Правда.

Контроверзните измени на КЗ од септември 2026 година
За разлика од актуелниот Закон за кривична постапка, кој од стапувањето во сила и започнувањето со примената, пред нешто повеќе до 13 години, нема претрпено измени, Кривичниот законик досега беше повеќе пати менуван. Најголема реакции кај стручната и воопшто јавноста во државата предизвикаа контроверзните измени од 6 септември 2023 година. Донесени тајно од тогашната влада, предводена од СДСМ, и изгласани од парламентарното мнозинство во тоа време, овие измени на КЗ беа директна причина за застарување на кривичните дела со кои беа опфатени голем број поранешни функционери во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а по чие згаснување во најголем дел ги презеде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Клучните измени тогаш беа направени во членот 353, со кој се опфатени кривичните дела од корпусот злоупотреба на службената положба и овластување, каде што се намалија казните, беа воведни горни граници и беше избришан еден став кој се однесуваше на кривичните дела во делот на јавните набавки.
Критиките и за измените на измените од јануари 2026 година
Со декларирана намера да се поправи КЗ од овие измени, актуелната владејачка гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ усвои нови, кои Собранието на 28 јануари ги донесе со 76 гласа „за“ и еден „против“. Поддршка за Кривичниот законик дадоа и од пратеничката група на СДСМ, иако лидерот Венко Филипче рече дека имаат сериозни забелешки.
Сепак, и овие измени наидоа на сериозни критики од стручната јавноста и граѓанските организации. Платформата за борба против корупцијата тогаш ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпишува указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на КЗ, укажувајќи дека усвоените решенија, наместо да обезбедат правна стабилизација во преодниот период до донесувањето целосно нов Кривичен законик, тие создаваат дополнителна правна несигурност и ризик од институционална конфузија и натамошно уназадување во борбата со високата корупција. Од Платформата особено имаа забелешки за измените на кривичните дела за злоупотреба на службената положба и несовесно работење, коир според нејзините претставници, воопшто не ја променија ситуацијата во казнената политика и роковите за застарување на кривичното гонење за тешки облици на корупција и злоупотреба на јавните набавки.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, сепак го потпиша Законот за изменување и дополнување на КЗ, објаснувајќи во изјава за медиумите дека тоа го сторила како транзинциско решение додека не биде донесен целосно нов Кривичен законик кој, според нејзините очекувања, треба да биде готов наскоро.
Пораките во извшетајот на Европската комисија
Инаку, и Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија за 2026 година, објавен минатата недела, нотира дека измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на кривичните дела злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, не ги решаваат соодветно негативните последици од измените од 2023 година и придонесоа за правна несигурност.
Во делот препораки, од ЕК наведоа дека во текот на претстојната година земјава треба „да усвои нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка, усогласени со правото на ЕУ и меѓународните стандарди“.
