Полицијата во неколку наврати се обиде да ја растера толпата, а на објавените видеа може да се забележи толпата која ѝ извикува на полицијата „Служете му на народот“, „Не сакаме здравствени кодекси“ и „Сакаме слобода“
Протести против строгите рестриктивни мерки за спречување на ширењето на ковид-19 избувнаа утрово во неколку кинески градови, вклучително и во финансискиот центар Шангај, речиси три години од почетокот на пандемијата.
Новиот бран на незадоволство е поттикнат од пожарот што во четвртокот избувна во зграда во главниот град Урумчи во регионот Ксинџијанг, при што загинаа десет лица. Гневот на јавноста беше предизвикан од сомнежите, кои почнаа да се шират меѓу корисниците на Интернет, дека станарите од зградата не можеле навреме да избегаат бидејќи зградата била делумно затворена, што градските власти го отфрлија.
Жителите на Шангај, најнаселен кинески град и финансиски центар, се собраа во саботата вечерта на улицата Вулумуки, именувана по Урумчи, на бдеење што се претвори во протест рано наутро во неделата.
Додека поголема група полицајци ги чуваше, насобраните демонстранти држеа празни листови хартија, симбол на демонстрантите против цензурата. После тоа, како што е прикажано на видео објавено на социјалните мрежи, тие почнале да викаат:
„Отстранете го заклучувањето во Урумчи, укинете го заклучувањето во Ксинџијанг, укинете го заклучувањето во цела Кина!“
Во еден момент, според изјавите на сведоците на видеото, голема група собрана, во редок протест против кинеското раководство, почнала да извикува:
„Долу Кинеската комунистичка партија, долу Кси Ѓинпинг, слобода за Урумчи!“
Полицијата во неколку наврати се обиде да ја растера толпата, а на објавените видеа може да се забележи толпата која ѝ извикува на полицијата „Служете му на народот“, „Не сакаме здравствени кодекси“ и „Сакаме слобода“.
Во саботата вечерта, жителите на Ланжу, град во северозападниот дел на земјата, ги урнаа шаторите на привремените клиники за ковид, ги искршија кабините за тестирање и започнаа улични протести. Демонстрантите во видеата што кружат на социјалните мрежи тврдат дека биле ставени во карантин, иако тестот им бил негативен.
На универзитетите во Нанџинг и Пекинг се одржаа бдеења со свеќи за жртвите од пожарот во Урумчи, додека студентите започнаа тивки протести држејќи празни листови хартија.
Корисниците на Интернет покажаа солидарност со објавување на празни бели квадрати на социјалните мрежи Ви чет и Веибо. Во неделата наутро, објавите на Веибо со бел квадрат беа блокирани.
Се зголемува бројот на новозаразени со ковид во Кина, од кои речиси 40 000 се регистрирани во неделата. Поради ова, во градовите низ државата се воведуваат заклучувања и други рестриктивни мерки.
Пекинг сè уште се придржува до политиката за целосно сузбивање на ширењето на коронавирусот и покрај фактот што јавноста се повеќе се противи на мерките и што тие нанесуваат се поголема штета на втората по големина економија во светот.