Таа вели дека справувањето со ваквите резултати треба да биде на класичен начин – децата мора да научат да пишуваат и читаат на традиционален начин, да ги развиваат својата моторика и својот ум, а наставниците треба да ги научат како да ја користат технологијата во правец на критичко размислување, критичка анализа

Лошите резултати на македонските ученици на меѓународното оценување ПИСА 2025 се резултат на реформите направени во минатото, порача денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Реагирајќи на извештајот на ОЕЦД, таа потсети дека новата власт секторот го презела во 2024 година, а тестирањата биле спроведени само шест месеци подоцна.
Според Јаневска, ефектот од промените што моментално се спроведуваат во образовниот систем ќе биде видлив дури по десетина години, кога денешните генерации ќе наполнат 15 години.
Најдобри резултати, вели Јаневска, македонските ученици постигнале во 2018 година благодарение на програмата „Кембриџ“, додека во 2001 година имале подобро ниво на читање и разбирање во споредба со денес.
Иако постојат тези дека вештачката интелигенција и дигиталните уреди го намалуваат фокусот, Јаневска смета дека поголем проблем се социјалните мрежи и неконтролираната употреба на телефоните.
Таа вели дека справувањето со ваквите резултати треба да биде на класичен начин – децата мора да научат да пишуваат и читаат на традиционален начин, да ги развиваат својата моторика и својот ум, а наставниците треба да ги научат како да ја користат технологијата во правец на критичко размислување, критичка анализа.
„Затоа и спомнав дека не е само еден елемент што влијае на резултатите“,
изјави Јаневска.
Во однос на користењето мобилни телефони во наставата, Јаневска рече дека во најголем дел од училиштата веќе се спроведува практика на одземање на телефоните пред почетокот на часовите, а тие се користат само како замена во училишта каде сè уште недостасува информатичка опрема.
Најновите резултати од меѓународното оценување на учениците ПИСА 2025 покажуваат пад на перформансите во читањето и математиката на глобално ниво. Во Северна Македонија, 15-годишните ученици имаат пониски резултати по математика во споредба со 2022 година, додека постигнувањата по читање и наука остануваат на приближно исто ниво, покажуваат резултатите.
Тестирањето, кое ги мери вештините за решавање проблеми и примената на знаењето во реални ситуации, покажува дека македонските ученици постигнале пониски резултати од просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области, како и во делот за решавање компјутерски проблеми.
Според податоците од извештајот, најголем дел од учениците во земјава се соочуваат со сериозни недостатоци во основните вештини.
