Наспроти барањата на ЕУ, дискреционо ќе се одлучува за државјанство
Пред пет години, контроверзен бизнисмен, со адреса на пацифички остров, вложи невообичаено голема сума во скопска фризерница (400 000 евра) и вработи десет луѓе, со што ги исполни условите за „златен“ пасош. Откако ја доби патната исправа, ги повлече парите и ја продаде фирмата, ама го задржа бордо пасошот.
Американецот Шон Андре Скот зеде македонско државјанство, искористувајќи ја опцијата за „државјанство врз економски интерес“, систем кој беше замислен да привлекува инвеститори со поволностите што ги нуди пасошот на една земја кандидат за Европската Унија (ЕУ), пишува „Призма“.

Унијата, со години, ги критикува земјите како нашата, што даваат државјанство за инвестиција. Тоа се смета за ризична пракса зашто лица со сомнителни заднини и пари може да добијат пристап до Шенген-зоната, во случај да потфрлат безбедносните проверки. Затоа, под притисок на ЕУ, земјите членки Шпанија и Бугарија ја укинаа оваа опција.
Следејќи го овој принцип, ЕУ истото го бара и од Македонија како држава, која е дел од безвизниот систем и кандидат за членство.
Но, институционалниот одговор на нашите власти, во форма на законски измени, е далеку од соодветен, иако беше промовиран како задоволување на европските барања и заострување на критериумите за „златни“ пасоши.
Предложените измени на Законот за државјанство се спротивни на европските упатства. Со нив, не само што не се укинува можноста за пасош по основа на посебен економски интерес, туку таа опција се олеснува и се зголемува арбитрарноста при издавањето државјанства.
Имено, законските измени предвидуваат укинување на уредбата што ги утврдува минималните сума и број на вработени, како услови за аплицирање, а одлуката за државјанство, без разлика колку пари се вложени, ја остава на Министерството за економија.
Делегацијата на ЕУ во Скопје, во одговор за БИРН, наведува дека препораката на Европската комисија е јасна и земјата треба да ја укине шемата.
Целиот текст прочитајте го тука.
